вторник, септември 29, 2026
Дома СВЕТ Путин сè повеќе се плаши, слуша пророштва и оди на магични места,...

Путин сè повеќе се плаши, слуша пророштва и оди на магични места, тврди поранешниот украински разузнавач Кондратјук

2
EPA/VYACHESLAV PROKOFYEV/SPUTNIK/KREMLIN/POOL MANDATORY CREDIT

Генерал-полковник Валериј Кондратјук, поранешен шеф на украинската Служба за надворешно разузнавање и на военото разузнавање (ХУР) при Министерството за одбрана, тврди дека додека нивото на ризик за Путин постојано расте, па најтесниот круг луѓе околу него го сочинуваат Алина Кабаева, неговите ќерки и руските олигарси, браќата Ротенберг. Според него, таквиот страв не е без причина, зашто разбира дека војната ја почнал врз основа на пресметки што воопшто не се оствариле

 

Рускиот претседател Владимир Путин сè повеќе се плаши. Тој го засилува обезбедувањето околу себе и се опкружува со мал број луѓе во кои има доверба. Откако не ја порази Украина за три дена, како што планираше, неговата верба се заснова на разни пророштва, а го носат и на „магични места“. Ова во интервју за „Украинска правда“, меѓу другото, го тврди генерал-полковник Валериј Кондратјук, поранешен шеф на украинската Служба за надворешно разузнавање и на военото разузнавање (ХУР) при Министерството за одбрана.

Тој вели дека таканаречените центри на моќ во Кремљ, кои долго време меѓусебно се судираа, сега се обединети и се обидуваат да опстанат, додека луѓето блиски до Путин добиваат сè поголемо влијание.

– Тоа е најтесниот круг: (Алина) Кабаева, ќерките на Путин, (Борис и Аркадиј) Ротенберг и други луѓе кои остануваат блиски до него и во кои тој има доверба, појаснува поранешниот украински разузнавач.

Притоа, Кабаева на јавноста и е позната  како долгогодишна партнерка на Путин, а браќата Ротенберг како руски олигарси. Кондратјук додава дека околу Путин се формира „центар за носење одлуки“, додека нивото на ризик за него постојано расте. Но, тој ризик не е поврзан само со способностите на украинските беспилотни летала и со заштитата на резиденциите. Опишувајќи како е засилено обезбедувањето, Кондратјук за пример ги дава вработените во Федералната служба за заштита (ФСО) на кои им се одземени мобилните телефони, ограничена им е и комуникацијата со роднините и забрането им е да ги напуштаат резиденциите што ги обезбедуваат.

– Безбедносните мерки се максимално засилени. Путин навистина се плаши, а тие стравови очигледно се засноваат на одредени сигнали, посочува Кондратјук.

Според него, таквиот страв не е без причина, со оглед на тоа што разбира дека војната ја почнал врз основа на пресметки што воопшто не се оствариле.

– Путин мислеше дека ќе ја смени власта во Украина за три дена, ќе го врати Јанукович, а потоа ќе се движи кон нова унија со Белорусија, додека Западот тоа би го прифатил како свршен чин. Она што се случи беше сосема поинакво од она што тој го очекуваше, рече Кондратјук.

Тој посочува дека сега вербата на Путин се заснова на пророштвата на разни старешини и уверувања: „Само држете се таму, и сè ќе биде во ред“ и наведува дека поранешниот министер за одбрана го однел на разни „магични“ места. Во интервјуто за „Украински правда“ Кондратјук раскажува и како дошол Путин до претседателската фотелја, додавајќи дека не се истакнувал со ништо посебно за време на неговата служба во КГБ.

– Ниту брилијантни организациски вештини, ниту оперативни или разузнавачки успеси, ниту психолошка стабилност. Чекаше, набљудуваше, стекнуваше искуство и никогаш никому не му здодеваше. Под одредени услови, токму таква личност можеше да се издигне, а последиците ги гледаме денес. Се сеќавам на едно од последните интервјуа на Борис Немцов, во кое тој раскажа како е избран Путин. Руските елити се договорија да го поддржат наследникот, невидлив човек за кого веруваа дека е целосно под контрола. И така се случи сè. Сега Путин се обидува да ги надомести годините кога  бил никој и под надворешна контрола докажувајќи го спротивното – рече тој.

„Њу војс оф Украина“, пак, ги набројува најновите мерки за заштита на Путин и причините за нив. На почетокот на мај 2026 година, „Важни истории“, повикувајќи се на извештај на европското разузнавање, објави дека поранешниот руски министер за одбрана, Сергеј Шојгу, наводно бил поврзан со подготовки за државен удар. Потоа, руската Федерална служба за заштита ја засили безбедноста околу Путин, а тој престана да ја посетува својата резиденција во Валдај, меѓу другите мерки. Во јуни, над паркинзите за камиони во областа Валдај, на 9 километри од резиденцијата, се појавија мрежи за заштита од беспилотни летала. На 31 август, Путин по четврти пат од почетокот на инвазијата на Украина од целосен обем го прошири централниот кадар на Федералната служба за заштита. На 1 септември, во видеообраќањето до учениците и студентите, новинарите забележаа нешто што личеше на трага од инјекција на задниот дел од неговата лева рака. Еден од интервјуираните лекари ја опиша трагата како „хематом од инјекција стар три дена“.

 

 

ИЗДВОЕНИ