ПРАГА СЕ ЗАЛАГА ЗА ПРИНЦИПОТ НА КОНСЕНЗУС, НО И ЗА ВРЕДНУВАЊЕ НА ОТСТАПКИТЕ ШТО ГИ НАПРАВИ МАКЕДОНИЈА
Чешка е подготвена да помогне во надминувањето на спорот меѓу Скопје и Софија, кој го гледа како европско, а не само билатерално прашање. Од Охрид, чешкиот министер за надворешни работи, Петр Мацинка, порача дека Прага го поддржува членството на Македонија во ЕУ и е подготвена да придонесе за решение прифатливо за двете страни. Притоа, тој нагласи дека Унијата треба да го вреднува и степенот на подготвеност на земјава, како и отстапките што ги направила досега. Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, повтори дека Скопје е подготвено за дијалог, но не и за преговори за македонскиот јазик, идентитетот, историјата и културата. Македонија, порача Муцунски, очекува предвидлив и фер европски процес, заснован на заслуги и однапред утврдени европски критериуми
Чешка сака да помогне во надминувањето на спорот меѓу Скопје и Софија и го гледа членството на Македонија во Европската Унија како свој приоритет. Од Охрид, чешкиот министер за надворешни работи, Петр Мацинка, порача дека Прага е подготвена да придонесе за изнаоѓање решение прифатливо за двете страни, нагласувајќи ги добрите односи што Прага ги има и со Скопје и со Софија, додека шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, повтори дека земјава е подготвена за дијалог, но не и за преговори за македонскиот јазик, идентитетот, историјата и културата. Чешкиот шеф на дипломатијата забележа дека спорот меѓу Македонија и Бугарија веќе не е билатерално прашање, туку европско.
– Европската Унија има силен интерес за проширување, а со тоа и интерес последните пречки за напредокот на Северна Македонија да бидат отстранети. Чешка е подготвена да придонесе во процесот за постигнување решение прифатливо за Скопје и за Софија. Тоа веќе не е билатерално прашање меѓу Северна Македонија и Бугарија, туку, врз основа на заклучоците на Европскиот совет од 2022 година, стана мултилатерално прашање. Значи, повеќе не е прашање само на две земји, туку прашање на сите земји, рече Мацинка на заедничката прес-конференција по средбата со шефот на македонската дипломатија во Охрид.
Чешкиот министер порача дека Македонија може да смета на Чешка како пријателска земја и дека Прага ја следи сложеноста на пристапниот процес на земјава.
– Но, морам да ве уверам дека наша приоритетна цел е да ја видиме Северна Македонија во Европската Унија што е можно побргу и сме подготвени да направиме сè што ќе биде потребно. Тоа не е само битно за вас, туку и за нас, рече Мацинка.
Мацинка оцени дека станува збор за прашање за кое мора да биде постигнат консензус. Чешка смета дека, за некои прашања, Унијата не може да напредува без едногласност. Но, Мацинка нагласи и дека Европската Унија треба да знае да го вреднува степенот на подготвеност на земјава за членство и отстапките што ги направи во минатото.
– Чешка застапува став дека не сакаме да го менуваме системот така што некои прашања би се решавале со квалификувано мнозинство, ниту сакаме да го намалуваме бројот на прашањата за кои е потребна едногласност. Затоа нагласуваме дека е неопходно да се постигне консензус, рече Мацинка и најави дека чешкиот премиер Андреј Бабиш планира во следните три недели да ја посети Софија, при што прашањето би можело да биде една од темите на разговор.
Министерот Муцунски, пак, го повтори ставот дека Македонија е подготвена да разговара за изнаоѓање решение, но дека прашањата поврзани со македонскиот јазик, идентитетот, историјата и културата не може да бидат предмет на преговори, ниту услов за напредокот кон ЕУ. Како клучна ја посочи потребата од предвидливост на европскиот пат на земјата.
– За нас е значајна предвидливоста, да знаеме дека нема да бидеме вреднувани врз основа на билатерални критериуми, туку дека нашиот пат ќе биде вреднуван врз основа на европски стандарди и апроксимација на нашиот целокупен правен и политички систем со тој на Европската Унија. Ние за прашања поврзани со историја, јазик, идентитет и култура не сме подготвени да преговараме. Дали треба да се најде соодветно решение? Нема никаква дилема. Но, дали сме подготвени да прифатиме решение кое не ни обезбедува предвидлив пат кон членството, не само да ги отвориме преговорите, туку да имаме предвидливост за тоа што преговараме и разговараме во текот на преговорите? Тоа е за нас она што е суштинско. Ние не бараме привилегиран третман, ние бараме фер и европски процес, рече Муцунски.
Шефот на македонската дипломатија истакна дека земјава е подготвена да ја заврши својата работа, да ги спроведе реформите и да ги исполни европските стандарди, но очекува напредокот да се вреднува врз основа на резултати, заслуги и однапред утврдени европски критериуми. Муцунски рече дека интеграцијата на Западен Балкан денес не е само прашање на проширување на ЕУ, туку и прашање на европската безбедност, стабилност и геополитичка кредибилност.
Муцунски истакна дека посетата се реализира во година во која земјава одбележува 35 години независност, а дипломатските односи со Чешка влегуваат во четвртата деценија. Нагласи дека двете земји имаат односи на искрено пријателство, меѓусебна доверба и партнерство.
Муцунски и Мацинка претходно имаа тет-а-тет средба на која разговарале за продлабочување на политичкиот дијалог, економската соработка, трговијата, инвестициите, миграцијата, соработката во културата и образованието, како и за безбедносната соработка во рамки на НАТО.
Како што министерот Муцунски претходно информираше, чешкиот министер Мацинка ќе биде и еден од говорниците на Амбасадорскиот совет кој утре и в петок се одржува во Скопје, а на кој ќе учествуваат шефовите на македонските дипломатско-конзуларни претставништва во странство. (В. С. Н.)












