Министерството за економија и труд подготви нацрт-одлука за воведување училишна кошничка, со која родителите би можеле да набават училиштен прибор по пониски цени пред почетокот на новата учебна година.

Согласно со предлогот, училишната кошничка ќе се нуди со попуст до 15 отсто, при што составот и крајната цена ќе се разликуваат од трговец до трговец, во зависност од изборот, квалитетот и трговската марка на производите.

Од Министерството за економија и труд информираат дека за моделот биле направени консултации со трговците на големо и мало кои продаваат училиштен прибор. Според нив, училишната кошничка била прифатена како соодветен и практичен модел за намалување на трошоците за родителите во пресрет на новата учебна година.

Кошничките ќе бидат јасно означени и поставени на видно место, со прецизно наведениот состав и цените на производите. На тој начин, родителите однапред ќе можат да видат што содржи пакетот и колку ќе чини.

Попустот до 15 отсто ќе се пресметува директно на каса, а намалувањето ќе биде евидентирано и прикажано на фискалната сметка.

Нацрт-одлуката е веќе доставена до Владата. Таа треба да биде разгледана на седницата во вторник, по што ќе се одлучува за нејзиното усвојување и понатамошното спроведување.

Доколку одлуката биде усвоена, училишната кошничка треба да им овозможи на семејствата полесно и поекономично да го обезбедат потребниот училиштен прибор пред почетокот на учебната година.

ИЗДВОЕНИ