петок, август 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ДОДЕКА СЕ ЧЕКА ОДЛУКАТА ДАЛИ ЌЕ ИМА ПРЕДВРЕМЕНО ГЛАСАЊЕ В ГОДИНА: Изборите...

ДОДЕКА СЕ ЧЕКА ОДЛУКАТА ДАЛИ ЌЕ ИМА ПРЕДВРЕМЕНО ГЛАСАЊЕ В ГОДИНА: Изборите се крчкаат, новите правила ни на повидок

Иако премиерот Христијан Мицкоски ја отвори можноста за ново гласање в година, тоа нема да значи дека би се одржале избори со нови, туку со старите изборни правила, кои одозгора ја чекаат и одлуката на Уставниот суд за државното финансирање на кампањата. Во македонскиот Парламент нема најави дека од понеделник ќе следуваат нови обиди за носење на новиот изборен законик, кај кој се блокирани предложените измени со 13.000 амандмани      

0

Без промени, со стари изборни правила и со можност партиите да останат без државно финансирање на кампањите е состојбата во која може да се дочека одлуката за одржување предвремени парламентарни избори. Вакво е сценариото што може да уследи доколку реши владејачката коалиција да ги прифати барањата на опозициските ДУИ и Левица за одржување предвремено гласање и го игнорира противењето на СДСМ по дадената понуда опозицијата да реши за одржување предвремени парламентарни избори. Додека се подгрева атмосферата во јавноста за одржување ново гласање, истовремено нема најави дека ќе следуваат и обиди за дефинирање на новите изборни правила, постапка што е блокирана во македонскиот Парламент со околу 13.000 поднесени амандмани. Пратениците во македонскиот Парламент в понеделник ќе се вратат во своите простории, а правата седница ги чека на 2 септември. Меѓутоа, собраниската агенда не предвидува навраќање на темата промени во Изборниот законик, кои се запрени на првата инстанца – расправа во Комисијата за политички систем со поднесените амандмани од СДСМ и од Левица.

– Овој изборен законик наиде на несогласност од повеќе страни. Што ќе се случува од понеделник, не би знаел да кажам. Дека треба да се донесе нов изборен законик треба, но тој се носи со консензус – ни изјави денеска Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ.

Познато е, оваа партија инсистира само на промената со која на следните избори би се вовела промена со која нашите сонародници во странство ќе можат електронски да гласаат на парламентарните избори. Но, ова е неприфатливо за опозицискиот СДСМ, кој бара отстранување на таквата можност и прифаќање на неговите барања во однос на означувањето на волјата на гласачот на гласачкото ливче и правото на ДИК да има можност да го разгледа целокупниот изборен материјал. Поместувањето од овие позиции е тешко можно, а тоа, на завчерашната прес-конференција, го потврди и лидерот на опозициските социјалдемократи, Венко Филипче. Тој е подготвен да даде согласност само за оние промени што ги предложиле ОБСЕ/ОДИХР, но треба и владејачката коалиција да прифати такво нешто.

Во ваква ситуација, кога тешко може да се очекува договор за нови изборни правила, се појавува и прашањето дали ќе се сменат и постојните. Уставниот суд, по летната пауза, откако се екипира со осмиот член, наскоро ќе донесе одлука за оспорениот член од Изборниот законик кој предвидува државно финансирање на изборните кампањи на одредени партии. Познато е, уставните судии поведоа постапка за оцена на уставноста на одредбата со која двете најголеми партии од позицијата и од опозицијата добиваат најмногу време и пари за изборната кампања, а другите парламентарни партии се наполно исклучени. Предлогот на судијата известител е да се укине спорната одредба и во случај мнозинството судии да го поддржат тоа, ќе значи дека партиите веќе нема да добиваат пари за кампања. Односно, дека ќе биде потребно да се дефинира и изгласа нова законска одредба, која е наведена меѓу блокираните промени. А доколку не се најде компромис околу тоа, ќе се создаде нова ситуација во која партиите ќе треба сами да се погрижат за големите финансиски средства што ги бара водењето изборни кампањи. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ