Иако сонцето, ветерот и хидроенергијата сè повеќе се користат за производство на струја, јагленот и годинава останува број еден енергент во светот. Според најновите прогнози на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), во 2026 година се очекува да се произведат околу 10.974 терават-часа струја од јаглен, односно речиси една третина од вкупното светско производство.

По јагленот е гасот со 6.976 TWh, па хидроенергијата со 4.536 TWh. Сонцето ќе произведе околу 3.289 TWh, ветерот 2.898 TWh, а нуклеарната енергија 2.871 TWh. Кога ќе се соберат сите обновливи извори на едно место, тие годинава првпат ќе го „претепаат“ јагленот по вкупното производство на струја. Ама кога се гледа секој извор одделно, јагленот сè уште нема сериозна конкуренција.

Причината е јасна: светот троши сè повеќе струја, а обновливите извори не успеваат доволно брзо да го заменат јагленот. Со други зборови, потрошувачката расте побрзо отколку што се префрламе на почиста енергија.

Дополнителен проблем се и високите цени на гасот во Европа и во Азија, кои се зголемија поради војната на Блискиот Исток. Па така, електраните што можат да избираат меѓу гас и јаглен, почесто се фаќаат за јагленот, бидејќи во моментов им е поисплатлив. Токму затоа ИЕА ја смени претходната прогноза. Наместо пад, сега очекува производството на струја од јаглен во 2026 година да порасне.

Кина и понатаму е убедливо најголемиот играч. Од оваа земја доаѓа повеќе од половина од светското производство на струја од јаглен, а речиси 55 отсто од вкупната кинеска електрична енергија се произведува со јаглен.

ИЗДВОЕНИ