Окружното обвинителство во Кросно, во југоисточна Полска, започна истрага по автобуската несреќа во која учествуваше полска транспортна компанија, во која синоќа загинаа 12 патници.
Десет патници беа тешко повредени при превртувањето на автобусот. Тие беа однесени во болници, од кои петмина се во критична состојба.
„Обвинителството започна истрага – презема мерки за разјаснување на околностите на трагедијата. Тесно соработуваме со унгарските власти и нашето Министерство за надворешни работи“, изјави полскиот министер за правда Валдемар Журек.
Автобусот со двајца возачи на компанија за патен транспорт од областа Јасло во Подкарпатското Војводство и 56 патници, сите полски државјани, се враќал од поклонение во Меѓугорје во Босна и Херцеговина, соопшти полското Министерство за надворешни работи.
Полскиот министер за инфраструктура, Дариуш Климчак, денес нареди дополнителни проверки на компаниите за патен транспорт и автобусите што превезуваат Полјаци кои се враќаат од летни одмори или поклоненија и во Полска и во странство.
„Безбедноста на патниците мора да биде апсолутен приоритет. Наредив инспекцијата да ги интензивира дополнителните проверки, фокусирајќи се особено на техничката состојба на автобусите, работното време и одморот на возачите, како и начинот на кој се транспортираат патниците. Чекам исход од проверката на компанијата за патен транспорт чиј автобус беше вклучен во оваа сообраќајна несреќа во Унгарија“, објави Климчак.
Заменик-министерот за инфраструктура, Стањислав Буковиец, изјави за полската телевизија Полсат дека летните инспекции на компаниите за патен транспорт и автобусите се во тек во Полска од 23 јуни годинава, како дел од кампањата „Безбеден автобус“, и дека досега се проверени 3.500 автобуси.
Претставник на компанијата за патен транспорт „Михаел“, која превезува патници и изнајмува автобуси веќе 28 години, Тадеуш Дикас, за полскиот портал Onet.pl изјави дека знае само дека патниците се враќале од Меѓугорје, а дека зад воланот биле двајца искусни возачи.
Двајцата возачи ја преживеале несреќата.
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека владата ќе испрати авион со лекари за да ги репатрира преживеаните патници.
„Конзуларна и медицинска помош ќе им биде пружена на сите. Заедно сме во тешки времиња“, рече Туск на мрежата „Икс“, пренесе „Бета“.












