– Презадоволен сум од начинот на кој се претставивме, како бевме пречекани, но и од присуството и реакцијата на публиката во градовите каде што настапивме. Салите беа полни, а стоечките овации траеја и повеќе од десет минути. Аплаузите завршуваа дури откако ќе се спустеше завесата. Особено сум задоволен од уметниците, младите кадри, но и од поддршката што ја имаме од генералниот директор на МОБ и од Министерството за култура и туризам. Сите овие наши гостувања ја презентираа државата на најдобар можен начин преку културата – вели за весникот ВЕЧЕР менаџерот на Македонската опера и балет, Кире Павлов, кој го предводеше ансамблот на шеснаесетдневната европска турнеја

Шеснаесетдневна европска турнеја, единаесет гала балетски концерти во градовите низ Германија, Холандија и Белгија, сали исполнети до последното место, десетминутни овации и воодушевена публика. Македонскиот балет, со претставите „Лебедово езеро“ и „Жизел“, брилираше на европската сцена и покажа дека има врвен ансамбл, извонредни уметници што ги претставуваат својата држава и културата на највисоко можно ниво, рамо до рамо со светските балетски куќи.

Менаџерот на Македонската опера и балет, Кире Павлов, кој го предводеше ансамблот, го изрази своето огромно задоволство од начинот на кој не само балетот туку и културата и Македонија беа претставени во Европа.

Лебедово езеро

– Презадоволен сум од начинот на кој бевме пречекани, но и од присуството и реакцијата на публиката во градовите каде што настапивме, како Гент, Антверпен… Салите беа полни, по 1.800-2.000 присутни, а стоечките овации траеја и повеќе од десет минути. Аплаузите завршуваа дури откако ќе се спустеше завесата. Особено сум задоволен од уметниците, младите кадри, но и од поддршката што ја имаме од генералниот директор на МОБ, Оливер Арсовски, и од Министерството за култура и туризам. Сите овие наши гостувања се дел и од една поширока стратегија, да се презентира државата на најдобар можен начин преку културата, но да биде презентиран и туризмот, што значи дека правиме систем на проширување и со бизнис-секторот – посочува Павлов.

Македонскиот балет и Молдавска филхармонија

Тој посочи за весникот ВЕЧЕР дека за декември се планирани нови гостувања во овие држави, со нова претстава, па така во декември, со „Оревокршачка“, Балетот ќе настапи, исто така, во овие три земји.

– Да споменам дека првпат во историјата Македонскиот балет има ваква голема, обемна програма. Значи, ние почнавме во октомври 2025 со пет гостувачки настапи, па во декември со девет, а сега со единаесет. Значи, го зголемуваме тој број, но уште побитно е што настапуваме и со Молдавската филхармонија. Потребен е мал период да можеме и со Операта и со оркестарот да влеземе во една ваква кондиција и да можеме да се презентираме. Веќе сме во преговори за гостувања со „Травијата“ и тоа, исто така, во овие три земји, каде што ќе ги „преплавиме“ на еден начин со балет и со опера. И да не заборавам, во рамките на Деновите на македонската култура во Брисел, од страна на менаџерот, и тоа во „Бозар“, голем театар, имавме одлична презентација – истакна Павлов.

Жизел

Тој додаде дека, покрај веќе востановените, реализирани се и нови меѓународни соработки.

– Сега сме во подготовки на проект со тим од Бирмингем, Англија, кои се сопственици на повеќе од три-четири театри, а еден од нив е театарот „Гент“, каде што реално очекуваме да настапиме од периодот од ноември до јануари.

Сите овие гостувања, според Павлов, имаат огромно значење за државата.

– Гостувањата навистина имаат големо значење бидејќи ние сме мала држава, а во Германија, Холандија и во Белгија реално не нè познаваа многу. Интересно е што се изненадија од тоа каков балет имаме ние, каква сценографија и костими. Затоа е важно да се претставиме како самостојна држава, да знаат каде точно се наоѓаме, кои сме и да нè препознаат по квалитетот што го нудиме. Многу е битно што, како држава, од културен и од професионален аспект, оставаме одличен печат и докажуваме дека имаме балетски уметници на едно многу високо ниво. И кога ќе се претставиме онака како што прилега, тие добиваат сосема ново мислење за нашата држава. Исклучително е добро што повторно ги оформивме контактите со Музичкиот балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, особено со класата во балетот, од каде што ги вметнуваме кадрите за нашата сцена. Многу е битен тој мост и со академиите и со средните музички балетски центри. Искуството е многу големо и за самото училиште, а и ние добиваме кадар што следните 15-20 години ќе ја држи нашата сцена и ќе се претставува на меѓународната – вели Павлов. (Д. Т.)

 

 

ИЗДВОЕНИ