| Македонија и натаму останува во европски парадокс: меѓу најуспешните реформатори според Европската комисија, но без политички напредок кон отворање на преговарачките поглавја. Еврокомесарката Кос инсистира за уставни измени, претседателката Сиљановска-Давкова предупредува дека тие не гарантираат крај на блокадите, а осум земји членки бараат да не се оптоварува проширувањето со нови политички услови. Дали ќе донесе есента нов импулс или само ќе ја потврди сегашната состојба, ќе стане појасно по извештајот на Европската комисија на 30 септември и расправата на Европскиот совет во октомври. Сепак, политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски смета дека сите овие сигнали нема да ја променат суштината на македонската позиција. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, тој оценува дека нема да биде изменет сегашниот модел на проширување на начин што би ги заобиколил веќе преземените обврски од преговарачката рамка. Атанасовски не очекува никакво суштинско поместување, ниту пресврт во македонските евроинтеграции оваа есен |
Македонија добива пофалби од Брисел за реформите, но европската врата и натаму останува затворена. Иако Европската комисија ја вбројува земјава меѓу најуспешните во спроведувањето на реформската агенда, официјалната порака останува непроменета: без уставни измени, нема отворање на преговарачките поглавја. Во исто време, дел од земјите членки предупредуваат дека кандидатите не смеат постојано да добиваат нови политички услови.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, и деновиве ја пофали Македонија дека е меѓу трите најуспешни земји во спроведувањето на реформската агенда во рамките на Планот за раст на ЕУ, но нагласи дека треба да биде проследен успехот со политички чекори. Притоа, повторно ја повика Македонија да ги донесе договорените уставни измени, оценувајќи дека и покрај значајниот напредок, без исполнување на таа обврска, земјата не може да го забрза процесот на пристапување во ЕУ.
– Македонија е една од најдобрите земји во спроведувањето на реформите од Планот за раст. Но, треба да ги донесе договорените уставни измени за да се преслика истиот напредок и во преговорите за проширување. За тоа се потребни лидерство и градење доверба со сите 27 земји членки на Европската Унија – изјави Кос во четвртокот, на состанок на Економско-социјалниот комитет на ЕУ во Брисел.
Но, додека Брисел инсистира дека уставните измени се единствениот чекор што недостига, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова предупредува дека ниту тие нема да бидат гаранција против идни блокади. Според неа, изворот на потенцијалните идни блокади е Вториот протокол меѓу Скопје и Софија, чии одредби се внесени во преговарачката рамка и во заклучоците на ЕУ.
– Патот сигурно ќе се отвори за момент, меѓутоа потоа на патот повторно ќе се појави нова препрека. Треба да го анулирате изворот на препреки, а тоа е Протоколот 2 – потенцира Сиљановска-Давкова.
Но, во меѓувреме, од Брисел пристигна уште еден значаен сигнал. Осум земји членки – Австрија, Италија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Чешка, Словачка и Грција – потпишаа нов нон-пејпер за проширувањето, во кој се бара процесот да стане попредвидлив и да не се воведуваат нови политички услови за земјите кандидати. Тоа практично е првпат поголема група земји членки јавно да предупреди дека честото воведување нови политички услови го нарушува кредибилитетот на политиката на проширување. Иако документот не ја менува официјалната политика на Унијата, тој покажува дека во дел од земјите членки расте незадоволството од постојаното воведување нови политички предуслови во процесот на проширување.
Во документот се предупредува дека постојаното додавање нови барања и политички предуслови ја намалува довербата во политиката на проширување и ги демотивира државите кандидати. Нон-пејперот доаѓа само еден месец по француско-германската иницијатива „Нов моментум за проширувањето“, која предвидува постепена интеграција на кандидатите во европските политики и единствениот пазар уште пред полноправното членство.

Сепак, политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски смета дека сите овие сигнали нема да ја променат суштината на македонската позиција. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, тој оценува дека нема да биде изменет сегашниот модел на проширување на начин што би ги заобиколил веќе преземените обврски од преговарачката рамка.
– Не, сегашниот модел на европроширување нема да претрпи промени, ако мислиме дека ќе ги „заобиколиме“ преземените обврски околу вметнувањето на Бугарите во Уставот, како услов без кој не се може. И тоа чудо да се случи, а нема, Бугарија повторно ќе има можност да става вето на нашиот евроинтегративен пат, бидејќи тоа се механизмите што ги има вградено самата Европска Унија во системот уште од своето формирање – вели Атанасовски.
Според него, дополнителен фактор е и актуелната политичка состојба во Бугарија.
– Особено што нов бугарски премиер е Румен Радев, поранешниот претседател, кој отворено води проруска надворешна политика во однос на Унијата – додава аналитичарот.
Атанасовски не очекува никакво суштинско поместување, ниту пресврт во македонските евроинтеграции оваа есен.
– Никаква дебата и никакви промени нема да го сменат редоследот: прво уставни измени, па потоа отворање на европреговорите. Патот е јасен – вели тој.
Според негова оцена, додека останува Македонија во застој, другите кандидати ќе продолжат да напредуваат.
– Црна Гора веќе практично се движи кон членство до крајот на 2030 година. Потоа ќе останат Албанија, Србија, Молдавија и Украина како земји што преговараат со Унијата. Македонија ризикува да остане во групата со Косово и со Босна и Херцеговина, па дури и зад Украина и Молдавија, и покрај тоа што едната е во војна, а другата не ја контролира целосно својата територија – предупредува Атанасовски.
Од Министерството за европски прашања, пак, очекуваат Европската комисија во септември да ја даде конечната оцена за спроведените реформи. Доколку биде потврдено исполнувањето на реформските обврски и во тековниот извештаен период, Македонија би можела да добие околу 100 милиони од вкупно 750 милиони евра од Планот за раст. Во меѓувреме, Македонија успеа да реализира девет од десетте реформски чекори предвидени за јунскиот рок. Единствено не беше усвоен новиот Изборен законик, реформа чија вредност изнесува 4,2 милиони евра.
Така, Македонија и натаму останува во европски парадокс: меѓу најуспешните реформатори според Европската комисија, но без политички напредок кон отворање на преговарачките поглавја. Дали ќе донесе есента нов импулс или само ќе ја потврди сегашната состојба, ќе стане појасно по извештајот на Европската комисија на 30 септември и расправата на Европскиот совет во октомври. (Е. А.)
30 септември – датум што може да ја одреди иднината на проширувањето
Клучен датум за иднината на процесот на проширување на ЕУ е 30 септември, кога Европската комисија треба да излезе со извештај за новиот пристап кон проширувањето, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Во интервју за „Канал 5“, рече дека на 30 септември ЕК првпат ќе го претстави моделот според кој ќе се одвива натамошниот процес на проширување, а потоа, во октомври, за истите прашања ќе расправа и Европскиот совет.
– Тоа се моментите што нам ни се важни за да ги процесираме чекорите што, сепак, се можни и се договараат – истакна претседателката.
Осврнувајќи се на односите со Бугарија, таа изјави дека по неодамнешните контакти со бугарскиот претседател, Румен Радев, гледа простор за интензивирање на дијалогот и за барање заеднички решенија.
– Заклучокот е дека треба многу напор, многу добра волја за да чекориме некако. Треба нешто заедно да инвестираме за да дојдеме до некакво решение – истакна претседателката Сиљановска-Давкова.
Таа нагласи дека Бугарија, во врска со прашањата кон надвор, настапува усогласено, без оглед на политичките разлики.
– Ние сме тука навистина еден интересен феномен за разлика од Бугарија, која секаде настапува едногласно, дури и кога не е во право – посочи Сиљановска-Давкова.
Таа повтори дека Македонија се залага за решение што би ја спречило билатерализацијата на евроинтегративниот процес и оцени дека Европската Унија располага со механизми преку кои може да спречи блокади засновани на идентитетските прашања. Посочи дека никој не може да гарантира оти во иднина нема да има ново вето од земја членка, но оти Унијата може да воспостави правила според кои нема да се попречува евроинтеграцијата поради прашања што не се поврзани со критериумите за членство. Таа истакна дека земјата останува посветена на реформската агенда и оцени дека е подготвена да го следи темпото на државите што најбргу напредуваат кон членство во ЕУ.












