сабота, јули 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА УЈП го осуди нападот врз даночните контролори на локалитетот Куклица: “Не смееме...

УЈП го осуди нападот врз даночните контролори на локалитетот Куклица: “Не смееме да дозволиме насилството да стане средство за избегнување на законските обврски“

25

Управата за јавни приходи најостро го осуди нападот и попречувањето на даночни контролори за време на службена контрола на локалитетот Куклица.

Завчера, на локалитетот „Камени Кукли” во селото Куклица, Кратово, осомничениот 41-годишен британски државјанин го спречил постапувањето на двајца даночни контролори кои вршеле службени дејствија на контрола во однос на претходно поставени обележја за привремена забрана за вршење дејност.

„Тој фрлал со камења кон контролорите и нивното службено возило, поради што тие го напуштиле локалитетот и биле спречени да го извршат службеното дејствие. Ценејќи ги сите околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“, се наведува во соопштението.

Денеска за случајот реагираа и во Управата за јавни приходи (УЈП).

„УЈП најостро го осудува физичкиот напад и попречувањето на службените лица при извршување на нивните законски овластувања. Ниту еден службеник не смее да биде изложен на насилство, закани или притисоци додека ја извршува својата законска должност. Нападот врз даночен контролор не е само напад врз вработените во УЈП, туку и напад врз владеењето на правото и врз институциите на државата. Изразуваме целосна поддршка на нашите колеги кои професионално и совесно ги извршуваат своите работни задачи и очекуваме надлежните институции целосно да го расчистат случајот и да обезбедат соодветна законска одговорност за сторителот“, наведено е во соопштението на УЈП.

Оттаму апелираат до сите даночни обврзници и граѓани да соработуваат со службените лица и да придонесат за создавање средина во која законите се почитуваат, а институциите можат непречено да ја извршуваат својата функција во интерес на сите граѓани.

„Не смееме да дозволиме насилството да стане средство за избегнување на законските обврски. Нападот врз службени лица мора да добие јасен и недвосмислен институционален одговор“, се додава во соопштението.

ИЗДВОЕНИ