Во Делчево почна уредувањето на просторот пред Споменикот на паднатите борци, со што локалната самоуправа почнува со реализација на активностите насочени кон обновување и зачувување на едно од најзначајните спомен-обележја во градот.
Од Општина Делчево информираат дека целта на интервенцијата е враќање на достоинствениот изглед на споменикот и неговата непосредна околина, со што ќе се создаде поуреден и попристапен јавен простор за граѓаните и за посетителите.
Во рамките на активностите се врши расчистување и хортикултурно уредување на просторот, отстранување на оштетените и дотраени елементи, како и други зафати што ќе придонесат за подобар изглед на овој значаен меморијален комплекс.
Од локалната самоуправа истакнуваат дека споменикот, кој подолг период не бил одржуван во состојба каква што заслужува, постепено добива нов и поуреден лик благодарение на ангажманот на општинските служби и на вработените, кои работат на терен.
– Грижата за историското и за културното наследство претставува обврска кон минатото, но и инвестиција во иднината. Со уредувањето на овој простор, сакаме да покажеме почит кон паднатите борци, но и да создадеме достоинствен амбиент, кој ќе биде место за одбележување на значајните историски датуми и настани – наведуваат од Општина Делчево.












