среда, август 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Нема отстапки од националните интереси – МНР ги отфрла тврдењата за прифаќање...

Нема отстапки од националните интереси – МНР ги отфрла тврдењата за прифаќање на „францускиот предлог“  

149

Потрагата по „трајно и одржливо решение“ за ЕУ отвори обвинувања за тајни преговори  

Нема тајни преговори, ниту отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата, а разговорите со Европската Унија и меѓународните партнери се водат транспарентно, реагираа од МНР, отфрлајќи ги како невистинити тврдењата на СДСМ дека Владата веќе договорила прифаќање на францускиот предлог. Од Министерството уверуваат дека евроинтеграциите остануваат стратешка цел, но без компромиси што би ги нарушиле државните позиции, додека опозицијата тврди дека власта ја подготвува јавноста за промена на досегашниот курс 

Изјавата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски дека се работи на „трајно и одржливо решение“ за деблокада на евроинтеграциите, без да открива детали, отвори нов бран меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата. СДСМ тврди дека Владата веќе договорила прифаќање на францускиот предлог и дека ја подготвува јавноста за таков потег, додека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија категорично ги отфрла ваквите наводи како „измислици“ и уверува дека нема тајни преговори, ниту отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Од МНР велат дека институциите редовно комуницираат со земјите членки на Европската Унија, со европските институции, со Бугарија и со другите меѓународни партнери и овие разговори се водат транспарентно, а позицијата на Владата е јасна и повеќепати јавно потврдена.

-Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада. Токму тука е суштинската разлика меѓу оваа Влада и СДСМ. Во минатото, договори и компромиси се прифаќаа далеку од очите на јавноста и на штета на националните позиции. Денес, надворешната политика се води одговорно, принципиелно и во согласност со националните интереси и волјата на граѓаните. Транспарентноста и доследната заштита на националните интереси се клучната разлика меѓу оваа и претходната власт. Денешната прес-конференција на СДСМ е уште еден обид за создавање хистерија и дезинформирање на јавноста. Наместо да понесе одговорност и да се извини за штетата што ја нанесе врз националните и надворешнополитичките позиции на државата, СДСМ повторно пласира груби невистини и конструкции. Тврдењата за постоење таен договор или тајни преговори се само уште една во низата измислици што СДСМ ѝ ги пласира на јавноста, се вели во реакцијата од Министерството на прес-конференцијата на Андреј Жерновски од СДСМ.

Се нагласува дека е повеќе од очигледно дека на СДСМ му е поважно преку вакви прес-конференции да им се додворува на одредени политички кругови во соседството отколку да ги брани интересите на сопствената држава и на сопствениот народ.

-Наспроти нивниот неодговорен пристап, Владата и Министерството постапуваат принципиелно и сите одлуки ги носат транспарентно, пред очите на јавноста и во согласност со јасно утврдените државни позиции, се истакнува во ракцијата од МНРиНТ.

Претходно, на прес-конференција пред Владата, Жерновски посочи дека се подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог и додаде дека нивните информации од Брисел зборуваат дека Владата на Мицкоски тоа веќе го договорила и оти тоа се јасни сигнали коишто пристигнале и од Брисел, и од Берлин, и од Париз. Жерновски рече дека последните пораки и настапи на Владата јасно покажувале дека се пропаднати сите обиди да се прикрие вистината пред граѓаните, а Владата сега се обидува да го претстави како победа токму она што со години го осудувала.

-Исцрпени се буквално сите обиди и лаги коишто претходно се обидуваа луѓето од Владата да ни ги продадат. Сè започна со некакво одложено дејство, па потоа со специјални услови, па потоа дека ќе имаме, нели, за нас некакви посебни договори и така натаму. Па најновото што го слушнавме од Мицкоски е дека ќе сме влегле во Европската Унија, ама без право на глас. Сето тоа падна во вода и веќе нема простор за нови импровизации. Единственото нешто што сега го прави Мицкоски и сите околу него е како оваа лага, којашто им ја продадоа на гласачите, да ја претстават како победа. Како да покажат дека тоа не е лага. Се обидуваат да направат стратегија како да го прикажат како победа она што до вчера за нив беше лага и велепредавство, истакна Жерновски.

Според Жерновски, наглиот пресврт во ставовите на Владата и на министерот за надворешни работи не е случаен, туку дел од подготовката на јавноста за прифаќање на политиките што претходно жестоко ги напаѓале.

Реакциите ги предизвика изјавата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој во интервју рече дека има разговори и се работи на трајно и одржливо решение што ќе го одблокира нашиот европски пат, но дека не може да сподели детали со јавноста, затоа што така однапред би ги осудил на неуспех. Муцунски уверува дека Владата има црвени линии и во никој случај нема да покаже попусливост за прашања поврзани со идентитетот, историјата, јазикот и културата.

-Така што работиме на решение, но ќе повторам, не решение по секоја цена и не решение кое само по себе нема да биде одржливо и кое ќе создава ризици повторно да бидеме во оваа ситуација во која што се наоѓаме сега, вели Муцунски.

Шефот на дипломатијата рече дека несомнено е потребен политички консензус по ова прашање, критикувајќи ја опозицијата за, како што вели, грешките во минатото и немањето капацитет да ги согледаат последиците од одлуките во 2021 и 2022 година. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ