Во прифатилиштето на ЈП „Лајка“, вчера било донесено куче во ужасна состојба, пронајдено исфрлено во Општина Ѓорче Петров, на улицата „Стево Црвенковски“.
Од ЈП „Лајка“ нагласуваат дека кучето било тешко болно, изгладнето и имало ременче на себе, што, според нив, јасно укажува дека било нечиј миленик.
– И покрај сите напори на нашите ветеринари и укажаната прва помош, за жал, кучето не издржа и почина – со жалење соопштија од ЈП „Лајка“ .
Оттаму упатија апел до сите граѓани дека ваквото постапување кон животно не само што е нехумано туку е и казниво со закон.
– Исфрлањето миленик што е болен, без да му се укаже потребна ветеринарна грижа, е чин на суровост и неодговорност. Доколку некој има информација чие било ова куче, ве молиме, контактирајте нè во порака. Ова нека биде потсетник дека животните не се предмети – тие чувствуваат, страдаат и зависат од нас – потенцираат од ЈП „Лајка“.












