Македонската култура остана без едно од своите најголеми имиња. На 75-годишна возраст почина истакнатиот актер Гоце Тодоровски, уметник кој со своите бројни улоги остави неизбришлива трага во театарот, телевизијата и филмот.
Веста за неговата смрт ја соопшти градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој истакна дека Тодоровски беше актер со кого растеа генерации, човек што знаеше да насмее, но и да допре до публиката со својата искреност и талент.
„Нѐ напушти Гоце Тодоровски – голем човек, голем актер и едно од најпрепознатливите лица на македонската театарска и филмска сцена. Со неговите улоги растеа генерации. Нѐ смееше, нѐ трогнуваше и оставаше трага што никогаш нема да избледи. Неговото дело ќе продолжи да живее, затоа што вистинските великани никогаш не заминуваат – тие остануваат во срцата на народот и во спомените што ги создадоа.
Гоце Тодоровски е роден на 30 април 1951 година во Кичево. Дипломирал актерска игра во 1976 година, а две години подоцна станал дел од ансамблот на Драмскиот театар во Скопје. Во текот на речиси петдецениската кариера се изгради во еден од најпрепознатливите македонски актери и комичари.
Публиката најмногу ќе го памети по легендарната серија „Македонски народни приказни“, но и по бројните улоги во „Бушава азбука“, „Балкан бенд“, „Трст виа Скопје“, „Солунски патрдии“, „Хихирику“, „Викенд на мртовци“, „Среќна нова ’49“, „Салон Хармони“, „Чудовиштата во нашиот град“, „Спроти Свети Василиј“ и многу други телевизиски, филмски и театарски остварувања.
И во последните години остана професионално активен. Минатата година снимаше нови епизоди од „Македонски народни приказни“, а пред хоспитализацијата работеше и на новата телевизиска серија „Враќање во иднината“, чија премиера се очекува во текот на 2026 година.
Со својата харизма, препознатлив глас и извонреден актерски талент, Гоце Тодоровски засекогаш ќе остане едно од најзначајните имиња во македонската актерска уметност.












