Почина Филип Аврамчев, поранешниот директор на Универзалната сала и член на Либерално-демократската партија. Тажната вест ја соопштија од неговата партија.
„Со длабока тага и неверување се збогуваме со Филип Аврамчев, наш долгогодишен член и актуелен член на партиските органи на ЛДП, докажан либерал и наш истакнат активист и борец. Либерално-демократската партија изразува длабока жал и сочувство до семејството Аврамчеви и најблиските роднини и пријатели. Не постојат зборови кои можат да ја надоместат штетата и да послужат како утеха во мигови како овој, но Филип ќе го паметиме ведриот дух, непресушните идеи за подобро утре и моментите поминати заедно како сопартијци, но уште повеќе – како пријатели и партиски другари“, стои во објавата на ЛДП.
Аврамчев е роден во Скопје, а своето образование го стекна во Скопје, Оклахома, Атина и Женева. Беше дел од тимот во 2013 година во Општина Центар, потоа директор на Универзална сала, за на крај државниот да го замени со бизнис секторот.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 8.5.2015 во капелата на градските гробишта Бутел во 11:00 часот.