Дали возачите во Македонија, и посебно во Скопје, ѝ се враќаат на својата „омилена“ практика на непочитување на сообраќајните правила и прописи? Односно, дали по првичниот позитивен ефект по стартот на системот „Безбеден град“ на почетокот на февруари и намалувањето на бројот на сообраќајните прекршоци и незгоди, сега пак се враќа трендот на нивното зголемување? Ваквата дилема се поставува откако ќе се видат податоците за направените прекршоци и сообраќајни незгоди во трите последни месеци, кога интензивно функционираат камерите по сообраќајниците. А податоците покажуваат нагорен тренд, како на бројот на снимените прекршоци, така и на случените сообраќајни незгоди кои се резултат на непочитувањето на сообраќаните прописи.
МВР неодамна ги соопшти податоците за бројот на прекршоците што ги забележале камерите на системот „Безбеден град“ во градовите Скопје, Куманово и Тетово, како и по коридорите 8 и 10. Тие покажуваат дека возачите направиле најмалку прекршоци во февруари, кога и стартувал системот – 19.066. Но, веќе во следниот месец март, бројот на прекршоците се зголемил за околу седум илјади и нараснал на 26.241. Ново зголемување имало и во април, кога дури 28.033 возачи биле снимени како возат пребрзо, како поминуваат на црвено светло, како возат нерегистрирано возило или возило со истечена возачка дозвола. Односно, вкупно околу 73.340 сообраќајни прекршоци при што најголем дел, нив 70.365 случаи, биле направени со пребрзо возење, а во 2. 519 случаи, возачите имале истечена возачка дозвола, како и 456 случаи на минување на црвено светло. Повеќе од половина од прекршоците се евидентирани на територијата на Скопје – 37.706 или 51,4 проценти од вкупниот број. Значителен број прекршоци се регистрирани и на патните правци на Коридорот 10 со 18.288 случаи и на Коридорот 8 со 13.608, додека најмал број е забележан во Тетовскиот Тегион со 1.287 случаи.
Ваков нагорен тренд со зголемувањето на бројот на снимените прекршоци, по најниското ниво во февруари, најде свое пресликување и во бројот на сообраќајните незгоди, како на подрачјето на земјава така и по градовите во кои се применува системот „Безбеден град“. Тоа го потврдуваат и податоците кои весникот ВЕЧЕР ги доби од Министерството за внатрешни работи од кои се гледа дека, на пример, на подрачјето на Македонија во февруари имало 370 сообраќајни незгоди, во март – 504 а во април 573. Односно, вкупно 573 и секој месец сè повеќе…
Ист тренд постои и во градовите Скопје,Тетово и Куманово, каде што сообраќајот се врши под надзорот на камерите од системот „Безбеден град“.
– На подрачјето на Скопје, во февруари имало 161 сообраќајна незгода, во март – 205, а во април 242, односно, вкупно 608. Во Тетово, пак, во февруари имало 59 сообраќајки, во март – 77, а во април – 101. Трендот е ист и во Куманово – во февруари имало 15 сообраќајки, март – 27 и во април – 28, наведува МВР во информацијата до весникот ВЕЧЕР.
Дневните извештаи на МВР, пак, покажуваат дека на сообраќајниците и натаму се случуваат бројни прекршоци. Полицијата соопшти дека само во четврток, 14 мај, од слобода биле лишени девет возачи за безобѕирно управување возило, при што сите управувале возила без возачка дозвола… Слични биланси имало и во последните денови. Овие податоци укажуваат на тоа дека дел од возачите повторно ги покажуваат несовесноста и недисциплината во придржувањето на сообраќајните правила и прописи.
Дејан Андоновиќ, од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и на патиштата, ни изјавува дека трендот укажува дека неодговорните возачи продолжуваат по свое.
– Како и досега, постојат одговорни и неодговорни возачи. Тие што сега ги кршат правилата, кога веќе постои системот „Безбеден град“, очигледно се оние што и порано правеле сообраќајни прекршоци. Можеби сега прават помалку во однос на изминативе години, но сепак, пак ги прават. Сепак, „Безбеден град“ го намали бројот на прекршоците, а дали и натаму месечно ќе се зголемува бројот на прекршоците, ќе видиме. Да оставиме уште малку време за да се видат бројките на прекршоците и незгодите. Јас апелирам на почитување на прописите – вели Андоновиќ во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Од друга страна, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека од почетокот на годината има значително намалување на бројот на жртвите во сообраќајните незгоди.
– Во 2025 година имаме 47 жртви во првите четири месеци. Со поставување на овие прашања во јавноста, со водење на вакви кампањи, со активна имплементација на „Безбеден град“, се даде соодветен инпут за првите четири месеци оваа година да имаме 26 жртви – рече Тошковски додавајќи дека заклучно со април 2026 година, нема жртви во сообраќајни несреќи во Скопје.
Како што е најавено, во наредниве месеци системот „Безбеден град“ ќе почне да се применува и во неколку други македонски градови. За во Охрид и Струга е најавено поставување на 40 камери, кои ќе бидат во функција на почетокот на туристичката сезона. И во Велес веќе се поставуваат камерите кои ќе бидат функционални до крајот на јули, а видеоконтрола ќе се воспостави и во Кавадарци, на 11 локации. (Б. Ѓ.)
Преку камерите наскоро ќе се казнува и погрешно паркирање
Системот „Безбеден гради“ ќе добие проширување и во иднина ќе опфаќа и други сообраќајни прекршоци, најави денеска министерот Панче Тошковски.
– И сега констатираме поголем број прекршоци. Не е само брзо возење туку и погрешно престројување, погрешно свртување, поминување на црвено светло. Во следниот период е предвидено да се прошири листата на прекршоци. Една од првите следни фази ќе биде и воведувањето на санкционирање за погрешно паркирање. Прва цел за имплементирање ќе бидат главните крвотоци во градот Скопје, односно булеварите – рече Тошковски.
Тој додаде дека контроверзната кампања со билбордите низ Скопје, на кои имаше телефонски број што не одговараше на повиците, ја постигнала својата цел и најави и втора фаза. Кампањата беше спроведена под слоганот „Како звучи неодговорно возење?“, а граѓаните кои се јавуваа на бројот не добиваа никаков одговор.
– Она што го спроведовме беше специфично и морбидно, но тоа и беше целта. Она што за полицајците и докторите е секојдневие по сообраќајна незгода во Македонија, да биде момент кој ќе допре до секој граѓанин кој ќе се јави на овој број, а нема да добие повратен одговор – кажа Тошковски.
Според него, бројните „фишинг“ пораки за наводни казни од системот „Безбеден град“ се испраќаат од странски броеви и дека граѓаните лесно можат да ги препознаат и не треба да наседнуваат на нив.












