недела, јули 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА По трагедијата во Тафталиџе: Секој ден во просек по 4-5 пријави за...

По трагедијата во Тафталиџе: Секој ден во просек по 4-5 пријави за семејно насилство, стотици интервенции за неполни три месеци

509

Трагедијата што се случи на 3 март, кога во Скопје животот го загубија мајката Ивана Јовановска и ќерката Катја, по пад од зграда, не само што ја отвори најтешката тема во јавноста – семејното насилство и прашањето дали институциите реагираат навреме или само интервенираат кога е веќе предоцна туку и, на некој начин, како да ги освести жртвите да го пријавуваат насилството во домот.  Податоците од МВР за периодот што следува, покажуваат постојана слика и секојдневни интервенции во случаите на семејно насилство.

Во периодот од 3 март до 27 мај 2026 година, полициските билтени регистрираат преку 320 пријави за семејно насилство – бројка што во просек значи по неколку нови случаи секој ден. Според пријавите во дневните настани, во одредени денови се пријавуваат и по 10 одделни инциденти во само 24 часа.

Паралелно со тоа, во истиот период, полицијата има приведено околу 180 лица, што значи дека во приближно секој втор или трет пријавен случај, реакцијата не завршува само со записник туку и со директна интервенција и приведување. Од овој однос меѓу пријавите и приведувањата може да се протолкува дека ризикот од повторување на делото бил голем или притисокот од јавноста врз полицијата, по зачестените случаи на семејно насилство со кобен крај, го вклучи алармот во постапувањето.

Анализата на билтените ја исцртува и географската концентрација на случаите на семејно насилство: најголем број пријави се регистрирани во Скопје, додека значителен дел доаѓаат и од Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид и Велес. Тоа сугерира дека, во урбаните средини, пријавувањето е почесто и институционалниот пристап подостапен, додека, пак, ќотекот за жената од руралните места и натаму е нормална појава во семејството за која не се зборува.

Она што особено се издвојува во билтените е природата на случаите: доминираат физичко насилство меѓу партнери или поранешни партнери, психолошки закани, како и конфликти во семејства кои често се повторуваат. Во дел од случаите се евидентира и прекршување на веќе изречени заштитни мерки, што упатува на повторливост и недоволна ефективност на претходните интервенции. Во значителен број предмети, полицијата постапува со приведување, по што случаите се доставуваат до Јавното обвинителство каде што, во зависност од тежината и ризикот, се отвора можност за притвор или други мерки на претпазливост. Неодамна, судот го извади од домот насилниот сопруг и татко во Кисела Вода, а претходно речиси и да не постоеше таква мерка.

 Право на живот или право на приватност: МВР најавува нов дигитален систем за итни случаи

Токму зачестеноста на пријави и интервенции го отвора прашањето дали системот реагира доволно брзо и доволно рано, или, главно, се активира во момент кога насилството веќе ескалирало. Иако статистиката покажува дека полицијата во значителен дел од случаите постапува со итно лишување од слобода, останува впечатокот дека интервенцијата најчесто доаѓа како последен чекор, а не како превенција.

Во овој контекст, повторно се актуализира идејата за воведување нови дигитални алатки за побрза реакција и подобра заштита на жртвите. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во интервју за 360, најави дека се размислува за систем преку кој, при повик за помош, полицијата би можела да добие и аудио и видеосигнал од мобилниот телефон на жртвата, со цел побрзо да се процени ситуацијата и да се испратат соодветни служби на терен.

Како што објаснува Тошковски, и сега разговорите на единствениот број за итни случаи 112 се снимаат и се користат како доказ, но новиот концепт би значел проширување на таа практика во реално време.

„Ако жртвата е загрозена, ако е во момент на нужна потреба, не сметате ли дека правото на живот е посилно од правото на приватност“, изјави министерот, нагласувајќи дека системот би функционирал исклучиво со согласност на жртвата и во итни ситуации. Идејата, според него, има за цел да го скрати времето меѓу повикот за помош и реакцијата на институциите – момент кој во случаи на семејно насилство често е клучен. Во тој правец, се спомнува и подобра координација меѓу полицијата, здравствените служби и социјалните центри, како и автоматски пристап до податоци за побрза интервенција.

Сепак, ваквите најави отвораат и поширока дебата за балансот меѓу безбедноста и приватноста, особено во земја со чувствителност на прашањата за следење и злоупотреба на податоци.

Во светски рамки, веќе постојат различни модели на дигитална поддршка за жртви на семејно насилство, но тие најчесто се базираат на поедноставни и побезбедни решенија – како автоматско споделување на локација, „panic button“ функции и специјални апликации за тивко алармирање на полицијата. Во САД, преку системот 911 и придружни апликации, жртвите можат да испратат локација или дискретен сигнал за помош. Во Велика Британија функционира системот „Silent Solution“, кој овозможува пријавување и кога жртвата не може да зборува, по што полицијата добива сигнал и локација. Во Шпанија, пак, системот ATENPRO обезбедува уреди и апликации со копче за итен повик, преку кои веднаш се активира полициска реакција.

Сите овие модели имаат една заедничка линија – тие ја ставаат контролата кај жртвата, додека институциите реагираат на сигналот, а не преку директно преземање на уредот. (П. А.)

 Четири уапсени за семејно насилство од вкупно 10 пријави во последното деноноќие

Во текот на 26 и 27 мај 2026 година, во полицискиот билтен се регистрирани вкупно 10 пријави за семејно насилство на подрачјето на неколку градови низ државата, при што четворица се уапсени.

Во првиот случај, во село во општина Зелениково, 34-годишна жена пријавила дека била физички нападната од нејзиниот свекор. Во Карпош, полицијата го лишила од слобода 30-годишен скопјанец по пријава дека во семејниот дом ја нападнал својата сестра и оштетил дел од покуќнината. Во Кисела Вода е пријавен физички напад врз 39-годишна жена од страна на нејзиниот партнер, додека во радовишко село 70-годишен маж бил лишен од слобода по пријава дека ја нападнал својата малолетна внука, за што бил известен и јавен обвинител. Во Велес се регистрирани два одделни случаи – 63-годишен маж пријавил закани од својот син, додека 43-годишна жена пријавила дека била физички нападната и ѝ биле упатени закани од поранешниот сопруг. Во Охрид е пријавен случај на физички напад врз татко од страна на неговиот син, а во Гостивар полициски службеници лишиле од слобода 71-годишен маж кој во семејниот дом ги нападнал својот син и снаа. Во Тетово е регистриран случај во кој 72-годишен маж со тврд предмет ја нападнал својата сопруга, додека во Жеровјане е пријавен физички напад во маркет, каде 70-годишник тврди дека бил нападнат од својот зет.

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ