„Дехуманизација: Истражување на кревкоста на човештвото“ е насловот на изложбата на академскиот уметник Милан Андов која ќе се отвори на 28 мај, во 20:00 ч., во мултимедијалниот центар „Мала станица“. На отворањето ќе присуствува директорот на Националната галерија, г. Али Синани, за творештвото на авторот ќе зборува Александра Зиновски-Вилиќ, куратор на изложбата, а за отворена ќе ја прогласи Маја Крстевска, виш кустос и програмски раководител.
– Дехуманизацијата, како процес на преиспитување, анализирање, како наше лично искуство, е присутна со години во творештвото на Милан Андов, па оттаму потекнува и овој циклус на дела преточен во изложба. Токму ова е темата што го преокупира интересот на Андов повеќе од две децении. Тој смело ја проблематизира „грижата“, т.е. „негрижата“ кон севкупното живеење на човекот. Се чини дека таа воопшто и не постои. Напротив, во истиот момент кога нема што да понуди, тој ќе биде отфрлен, заборавен на маргините на општеството. Во таквата тешка состојба, човекот станува општествен товар за кој никој нема интерес. Брутално искрен во експресивното претставување на физичката, но уште повеќе на духовната состојба на насликаниот лик, Андов нè насочува кон размислата за секојдневието што го разобличува – посочува Александра Зиновски-Вилиќ за изложбата.
Додава дека основен мотив во сликарството на Андов е човечката фигура, како машката така и женската.

– Фигурите се сместени во празен, оголен, недефиниран простор (може да биде кој било), но авторот е многу повеќе окупиран со анализата на самото тело. Фигурите како да се сместени во тој празен простор по измачување, разобличување, черечење. Вака раскинатото тело станува лајтмотив во неговите слики. Масло или комбинирано масло и акрилик на платно се основните техники што ги користи во сликарството. Под тензијата на внатрешните чувства, ликовите стануваат деформирани, дисторзирани, а нивната експресивност кулминира во очите ококорени со нереален стаклест сјај, опишувајќи го внатрешниот немир. Еден од главните пристапи преку кои Андов ја прикажува дехуманизацијата на човекот е претставувањето на изобличените тела, кои ги губат својата форма и идентитетот, што ги симболизира внатрешната болка, немирот, стравот. Телото, како резултат на немирот, го губи својот „нормален“ изглед и се трансформира во една човеколика форма, која предизвикува измешани емоции кај набљудувачот – истакнува Зиновски-Вилиќ.
Кураторката додава дека за да ги разбереме делата на Андов, треба прво да го разбереме контекстот, а тоа е состојбата на времето и општеството во кое живееме.
– Она што ја карактеризира денешницата се развојот на новите технологии и сеприсутниот консумеризам, кои постојано нè одржуваат во една состојба на себепреиспитување. Консумеризмот секојдневно сѐ повеќе се шири, со што се губи тежнеењето кон промовирањето на хуманистичките и на духовните вредности. Емпатија, сочувство, хуманост се поимите за кои сѐ повеќе се зборува, но во секојдневието се сѐ помалку присутни. Овие дела од творештвото на Андов претставуваат критика на општеството, кое станува индиферентно кон опстојувањето на човекот, и одраз на стварноста преку деформација – додава Зиновски-Вилиќ.
Mилан Андов (1974, Скопје) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професорот Димче Николов, на отсекот за графички техники и графички дизајн. Покажал извонреден талент и интерес особено за цртањето и сликањето, за што добил награди во раните фази на своите студии. За резултатите од студиите добил и две стипендии. Дипломирал во 2005 година. Тој има бројни самостојни и групни изложби.
Изложбата „Дехуманизација“ ќе биде пoставена до 28 јуни.












