Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ја известува јавноста дека забраната за движење во шума се продолжува до 30 септември 2026 година и ги повикува граѓаните на посебна претпазливост со цел да се спречат пожари на отворен простор.
Министерството ја потсетува пошироката јавност дека и во периодот кој следи поради високите температури не е намалена опасноста од појава на пожари на отворен простор.
Во соопштението од МЗШВ се наведува дека е од суштинско значење јавноста да ги разбере опасностите како и последиците од пожарите на отворен простор и со своето однесување да придонесат кон заштита и сочувување на шумите, односно животна средина, имотите и заедниците во целина.
-Лицата кои вршат активности на земјоделски површини како и сточарите да бидат особено внимателни при извршување на активностите, за да не дојде до неконтролирано палење на земјоделско земјиште и пасиштата што е строго забрането со закон и претставува казниво дел – соопштија од Министерството.
Оттаму порачуваат да се избегнува палење на оган за време на периоди на силен ветер или суво време, како и да се користат побезбедни методи за расчистување на земјиштето и отстранување на горливиот материјал.












