Додека во земјава власта и опозицијата разменуваат обвинувања и не успеваат да постигнат поширок политички консензус околу стратешките интереси и националните прашања, официјална Софија влегува во засилена дипломатска офанзива на европската сцена. Во услови кога македонските евроинтеграции повторно се заглавени во политички и идентитетски спор, Бугарија се обидува дополнително да ги зацврсти своите позиции преку директни средби со клучните европски и НАТО лидери. Посетите на бугарскиот премиер Румен Радев на Париз и Брисел доаѓаат во чувствителен момент за регионот и отвораат нови прашања за тоа какви пораки ќе бидат испратени до Скопје од европските центри на моќ.
Пред средбата со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, бугарскиот премиер денеска порача дека Европа мора да ја преиспита својата досегашна политика кон војната во Украина и да преземе поактивна улога во мировните преговори со Русија. Радев оцени дека дипломатијата треба повторно да стане клучен инструмент за решавање на конфликтот, додавајќи дека приоритет за бугарската влада остануваат безбедноста и животниот стандард на бугарските граѓани пред носење одлуки за дополнителна финансиска помош за Украина. Тој се осврна и на енергетската политика, нагласувајќи дека нуклеарната енергија треба да биде признаена како зелена и стратешки важна за Европа, при што ја потенцираше и соработката меѓу Бугарија и Франција во областа на нуклеарната енергетика и железничката инфраструктура.
Во однос на прашањето за внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија, Радев изјави дека тоа прашање го поставил уште во 2021 година.
-Ми требаше една година да ги убедам европските лидери зошто тоа треба да се случи. Му оддавам признание на претседателот Макрон, кој прв ја согледа оправданоста на оваа идеја и со заеднички напори таа беше вклучена во преговарачката рамка во јули 2022 година. Верувам дека на денешната средба ќе обезбедиме поддршка од Франција, за овој консензус да се спроведува во целост, ја пренесуваат бугарските медиуми изјавата на Радев.
Деновиве Радев престојува во официјална посета на Париз и Брисел, каде што на агендата има средби со повеќе европски лидери. Во Париз, Радев во Елисејската палата, се среќава со францускиот претседател Емануел Макрон, со кого е најавено дека ќе разговара за прашања поврзани со билатералната соработка меѓу двете земји, како и за актуелни теми од европската агенда. По посетата на Франција, Радев ќе патува за Брисел, каде што има средба со белгискиот премиер Барт де Вевер, а утре бугарскиот премиер се среќава и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. На агендата се и разговори со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. (В.С.Н.)












