Некои професионални почетоци остануваат засекогаш во срцето, особено кога се поврзани со луѓето од кои сме ги научиле првите лекции. За Бисера Ловачева, редакцијата на весникот ВЕЧЕР е токму такво место – нејзината прва новинарска љубов, каде што ги направила првите чекори, професионално созревала и ги стекнала знаењата што и денес ги носи со себе. Денес е дел од утринската програма „Здраво Македонијо!“ на телевизијата Канал 5. Зад неа се нови медиуми, искуства и предизвици, но спомените од весникот ВЕЧЕР и благодарноста кон луѓето што ја насочиле, остануваат посебен дел од нејзината новинарска приказна. Десет години по првите новинарски чекори во нашата редакција, со Бисера се навраќаме на деновите кога, тазе излезена од факултетските клупи, почнуваше да го гради професионалниот пат за кој отсекогаш сонувала. Разговараме за почетоците, за луѓето што оставиле белег, за предизвиците пред камерите и за тоа што носи сè уште со себе од првите новинарски денови.
Кога ќе се навратите на почетоците во ВЕЧЕР, што прво ви паѓа на ум?
ВЕЧЕР ми буди прекрасни спомени! Првото нешто што ми доаѓа на ум е да се насмеам на глас. (се смее) Бев тазе излезена од факултетските клупи и, иако точно знаев што сакам да работам, имав уште многу да учам. Токму во ВЕЧЕР почнав да созревам професионално, а огромна улога во тоа имаше мојата животна менторка, а денес и главна уредничка, Елизабета Арсоска. Ме научи како се пишуваат новинарски текстови, но ме научи и на професионално однесување, култура и стил на облекување. Денес, кога ќе се сетам на тие денови, можам да кажам дека сум имала среќа уште на почетокот да сретнам човек од кого навистина многу научив.
Велите дека отсекогаш сте сакале да бидете новинарка. Што ве привлекуваше во оваа професија?
Ме привлекуваше можноста да бидам во тек со случувањата, да запознавам различни луѓе, да поставувам прашања и да раскажувам приказни. Новинарството е професија во која секој ден можеш да научиш нешто ново. Секако, кога си на почетокот, имаш и идеализирана претстава за работата. Потоа сфаќаш дека зад еден добар текст или интервју стојат многу подготовка, истражување и работа. Но, кога навистина ја сакаш професијата, токму тоа те мотивира да продолжиш.

Пред да дојдете во Канал 5, работевте и во други телевизии. Колку тие искуства ве обликуваа како новинарка?
Секое работно место ми донесе нешто ново. Работата во различни медиуми ми помогна да ја запознам професијата од повеќе страни, да се приспособувам на различни формати и да стекнувам искуство. Мислам дека во новинарството е важно да не престанеш да учиш и да не мислиш дека сè знаеш. Секој нов колега, уредник, соговорник и проект може да те научи нешто. А искуството не се собира само со годините, туку и со тоа колку си подготвен да учиш од нив.
Од печатените медиуми до телевизијата – каде има повеќе адреналин?
Пред камера, дефинитивно! (се смее) Текстот можеш да го прочиташ десет пати, да смениш реченица, да избришеш пасус и да се премислиш пред да замине во печат. Но, кога си пред камера во живо – нема назад! Што си кажал, си кажал. Можеш само да продолжиш достоинствено, како сè да било дел од планот. Токму таа непредвидливост ја прави телевизијата возбудлива.
Денес сте дел од утринската програма „Здраво Македонијо!“. Што е најголемиот предизвик кога секое утро започнува пред камерите?
Утринската програма е динамична и разновидна. Темите се менуваат, гостите доаѓаат од различни области, а секое утро носи нов предизвик. Потребно е добро да се подготвиш, да ги истражиш темите и да бидеш подготвен за различни ситуации. А кога емисијата е во живо, мораш да бидеш концентриран и флексибилен. Единствено што не можеш да направиш е да побараш пауза за да размислиш уште еднаш што си кажал! (се смее)
Колку подготовка стои зад едно интервју што за гледачите изгледа како спонтан разговор?
Многу повеќе отколку што може да се забележи на екранот. Потребно е да ја истражиш темата, да се запознаеш со соговорникот и да размислиш кои прашања ќе отворат интересен разговор. Но, доброто интервју не е само однапред подготвен список со прашања. Мораш и да слушаш, да реагираш и да препознаеш кога неочекуваниот одговор отвора можност за уште поинтересна приказна.
Неодамна се испробавте и како водителка на инклузивен фудбалски настан. Дали тоа беше поинаков предизвик од телевизиското студио?
Секако! Имав можност да го водам првиот ревијален инклузивен фудбалски натпревар во рамките на проектот „Touch the Goal – Football for Every Child“. Тоа беше посебно искуство, пред сè поради пораката што ја носеше настанот – дека спортот треба да биде простор за секое дете. Телевизиското студио и настанот пред публика се различни, но и во двата случаи најважни се подготовката, комуникацијата и способноста да ја почувствуваш атмосферата. Морам да признам дека ваквите предизвици ми покажаа дека има уште многу нови работи во кои сакам да се испробам.
Кога би можеле да ѝ дадете совет на Бисера од првите денови во ВЕЧЕР, што би ѝ кажале?
Би ѝ рекла да продолжи да работи, да биде љубопитна и да не се плаши од грешки. И можеби малку помалку да се грижи дали сè е совршено! (се смее) Со текот на времето сфаќаш дека никој не станува добар новинар преку ноќ. Потребни се посветеност, трпение и луѓе кои ќе те насочат. А, најважно е да не ја изгубиш желбата заради која си ја избрал професијата. (Р. В.)












