сабота, јуни 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПО ОСПОРУВАЊЕТО од ПРЕД ПЕТ ГОДИНИ, следното ПРЕБРОЈУВАЊЕ ќе го опфати само...

ПО ОСПОРУВАЊЕТО од ПРЕД ПЕТ ГОДИНИ, следното ПРЕБРОЈУВАЊЕ ќе го опфати само резидентното население: Следниот попис без попишувачи – во 2031 ќе се броиме дигитално 

Директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков, изјави дека целта им е следниот попис на населението да биде спроведен електронски, односно со користење на статистичката терминологија, со користење административни извори. – Како ДЗС, ќе ја земеме предвид препораката на Уставниот суд. Согласно со статистичките стандарди и генералната методологија, нема потреба од опфаќање на нерезидентното население, затоа што целта на пописот е детерминирање на резидентното население – потенцира Станков

2123

Електронски, со користење регистри во повеќе државни институции, но и со пребројување само на резидентното население во земјава, е начинот на кој треба да се изврши следниот попис на населението во земјава, десет години по пописот во 2021 година. Ова денеска, на промоцијата на новите електронски услуги наменети за високото образование, го кажа актуелниот директор на Државниот завод за статистика, Дејан Станков, како одговор на новинарско прашање. Тој рече дека тие веќе започнале со подготовките за ваков вид попис, кој првпат би се спровел во Македонија.

– Нашата цел е следниот попис на населението да биде спроведен електронски, односно со користење на статистичката терминологија, со користење административни извори. Согласно со меѓународните стандарди, планирано е следниот попис да се спроведе во 2030-2031 година. ДЗС започна со подготовките на следниот попис на населението и започнува со активности што значат воспоставување статистички систем базиран на регистрите на население. Заедно со институциите што се носители на административни збирки на податоци, работиме на испитување на квалитетот на податоците – потенцираше Станков во одговор на прашањето на весникот ВЕЧЕР дали може да се очекува електронско пребројување на граѓаните.

Пребројување преку повеќе регистри

Познато е, темата на електронскиот попис се актуализира по пребројувањето во 2021 година, а чии резултати беа оспорувани од многу страни. Тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ најави дека откако ќе дојде на власт, ќе спроведе целосен електронски попис. За оваа партија, тогашните резултати беа нецелосни и не даваа јасна слика за популацијата.

Според директорот на ДЗС, пребројувањето на населението ќе се врши врз основа на административните регистри на населението од повеќе институции, а не само врз основа на виталните статистики – на родените и умрените, на податоците за емиграција и имиграција.

– Изворот на оваа витална статистика е МВР, а знаеме дека овие збирки на податоци имаат одредени слабости. Факт е дека населението што стекнува резидентен статус во странство не го одјавува својот резидентен статус во државата. Но, ние имаме статистички методи како да ги елиминираме овие слабости. Сега работиме на подобрувањето на квалитетот на административните извори за да го донесеме до ниво соодветно за статистичките стандарди и на тој начин да го спроведеме пописот – рече директорот на ДЗС.

И министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, рече дека електронскиот попис е политичка обврска на Владата и дека треба да се вршат подготовки за 2031 година.

– Ги знаеме правилата на „Евростат“, дека треба да се прават тие на 10 години, што значи дека оваа година мора да работиме – секој на своите регистри и на интероперабилноста на податоците за да бидеме подготвени да го направиме тоа. Ќе имаме време, од денес, па до рокот за спроведување. И сигурни сме дека во моментот кога ќе дојде пописот, сите ќе им веруваме на резултатите и на методологијата врз основа на која било направено тоа. Знаете, како партија, го критикувавме изминатиов попис, имаше и зошто. Голем дел од податоците не беа собрани на вистинскиот правилен начин. Второ, се попишуваа лица во странство што не беа резиденти на државата, под неразјаснети начини. Се сеќавате, имаше пакети со пасоши што се попишуваа како луѓе. Нешто што не смее да го дозволиме на следниот попис и затоа е добро што рано почнавме – секој да работи на своите регистри – нагласи Андоновски.

Ќе се евидентира само населението во земјава  

Познато е, Уставниот суд минатата година укина дел од одредбите од методологијата со која беше спроведен пописот пред пет години. Судиите сметаа дека не смеело да се пребројува населението во две категории: резиденти што живеат во земјава и нерезиденти што живеат надвор, во странство. Директорот на ДЗС рече дека ќе ја имаат предвид оваа одлука на Судот кога ќе се врши новото евидентирање на населението.

– Како ДЗС, ќе ја земеме предвид препораката на Уставниот суд. Согласно со статистичките стандарди и генералната методологија, нема потреба од опфаќање на нерезидентното население, затоа што целта на пописот е детерминирање на резидентното население. Односно на она население што живее во државата, и тоа е основната статистичка дефиниција – потенцира Дејан Станков.

Резултатите од пописот во 2021 година покажаа дека во однос на 2002 година, кога беше реализиран последниот попис, вкупното население е намалено за 185.834 лица или за 9,2 отсто. Од овој број, 58,44 отсто од населението се изјаснило како Македонци, 24,3 проценти Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци. Како нерезиденти беа евидентирани 260.606 лица, со што вкупниот број на попишано население изнесуваше 2.097.319 лица, а од нив 54,1 отсто се Македонци и 29,52 проценти Албанци.

Минатата година во јуни, премиерот Мицкоски, во одговор на пратеничко прашање, предложи оваа година да се спроведе вонреден електронски попис на населението, но го услови тоа со промена на изборниот модел и со прифаќање на една изборна единица „веднаш“. Во одговор на прашањето на пратеникот Халил Снопче, премиерот Мицкоски рече дека кај нерезидентното население на последниот попис немало адреса, туку било класифицирано како нерезидентно население.

– Уставниот суд вели не може да има графа нерезидентно и графа резидентно население, за што зборувавме ние уште во времето на пописот, дека „Евростат“ не го препознава тоа. Ви гарантирам дека со вкрстување на базите, 90 отсто од населението ќе го попишеме преку електронски попис, а само приближно 10 проценти ќе треба теренски. Направивме проба, знаете ли дека нема ниту 1,82 милиони осигуреници, колку што се според пописот, дека се некаде околу 1,5 милиони во Македонија? – рече тогаш Мицкоски. (Б. Ѓ.)

Три нови услуги на порталот uslugi.gov.mk.

Образец за дипломирани студенти на додипломски студии на факултетите и високите стручни школи, образец за лица што стекнале назив магистер/специјалист и образец за лица доктори на науки што одбраниле докторски труд се трите нови електронски услуги достапни на националниот портал е-услуги – uslugi.gov.mk (линк https://uslugi.gov.mk/). Според министерот Стефан Андоновски, со ова се олеснува начинот на запишување и студирање на сите три циклуси студии на факултетите.

– Со новата услуга, времето на пополнување од 10 минути за студентите се намалува на минута до две, со оглед дека сега, откога ќе се отвори, образецот веќе е претходно пополнет со податоци што се достапни во базите на податоци – рече тој.

Андоновски нагласи дека порталот за електронски услуги веќе е стабилизиран на бројот од 10 илјади услуги, кои им се даваат на граѓаните на месечно ниво, што е раст од 10 пати ако се знае дека почна со 1.400 услуги.

ИЗДВОЕНИ