понеделник, септември 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА По Муамед Сејдини од истражен затвор пуштен и Илчо Ѓорѓиоски, поранешниот претседател...

По Муамед Сејдини од истражен затвор пуштен и Илчо Ѓорѓиоски, поранешниот претседател на ФФМ гарантира со имот од половина милион евра

204

Илчо Ѓорѓиоски, поранешен претседател на Фудбалската федерација на Македонија, осомничен за злоупотреби, е пуштен од истражен затвот, откако депонирал банкарска гаранција од 508.000 евра. Со одлука на надлежниот суд, мерката притвор му е заменета со мерки на претпазливост.

„Притворот е укинат со гаранција во недвижен имот, притоа изречени се мерки на претпазливост- одземен пасош и јавување во судот“, потврдуваат за ВЕЧЕР од Кривичниот суд и додаваат дека од Обвинителството дале позитивно мислење по неговата гаранција.

Во домашен притвор е и претседателот на ФФМ Муамед Сејдини, кој обезбеди гаранција од 1.000.000 евра. Притворот е укинат и за осомничените, Томислав Младеновски и Ѓоко Чубриновски и двајцата се пуштени со гаранција.

Обвинителството ја отвори  истрагата против 18 физички и осум правни лица  осомничени за проневера, злоупотреби и перење пари. Според доказите, во периодот од 2015 до 2019 година, преку 728 платни налози биле исплатувани средства за услуги и стоки кои никогаш не биле испорачани на ФФМ. Нанесената штета се проценува на околу 180 милиони денари, односно речиси три милиони евра.

Според истрагата, прво- и второосомничениот, како претседатели на ФФМ, заедно со раководителка во финансии, овозможиле незаконска исплата на средства. Според обвинителството, биле издавани фактури со невистинита содржина, услуги никогаш не биле извршени, средства биле извлекувани преку правни лица и парите биле пуштани во финансискиот промет за прикривање на потеклото.(П.А.)

ИЗДВОЕНИ