Еден месец откако претходно беше усвоен на владината седница, предлогот на законот за соодветна и правична застапеност е испратен до Собранието за да биде разгледуван и усвоен од пратениците. Ова денеска го соопшти македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, во одговор на новинарското прашање за коментар на изјавите на ексминистерот од редовите на опозициската ДУИ, Бујар Османи. Поранешниот министер Османи, во телевизиско интервју, изјави дека не треба да се дозволи да помине законот за правична застапеност во Собранието, дури и со употреба на физичка сила.
Според Мицкоски, овие закани ги разоткриваат вистинските намери.
– Заканите на Бујар Османи само покажуваат кои се вистинските намери. Тоа е закон одобрен од страна на Венецијанската комисија дека ги исполнува сите меѓународни услови. Инаку, за делот од содржината на неговата изјава, немам што да кажам. Претпоставувам дека тоа е тој фолклор, што ќе го слушаме во периодот што следува. Ние имаме меѓукоалициски договор, законот е испратен во Собрание и очекувам што побргу да се усвои – рече тој.
Во интервјуто, говорејќи за „балансерот“, законот за правична застапеност и Охридскиот договор, Османи информира дека алатката „балансер“ нема да има никаков механизам со кој ќе се гарантира соодветна и правична застапеност.
– „Балансерот“ е духот на суштината на Охридскиот договор. Сериозен проблем во општеството е да се дискредитира нешто што е толку значајно за нас. Сега ќе нема никакви механизми кои ќе гарантираат соодветна и правична застапеност. И во „балансерот“ беа застапени принципите на меритократија и на компетентност, но тие се применуваа во рамките на групата припадници на етнички заедници. Сите тие мораа да ги поминат основните услови. Направена е негативна кампања против „балансерот“ врз основа на неколку случаи на злоупотреби. Доколку се донесе законот, можеби треба да се даде и физички отпор во Собранието – наведе Османи во интервјуто.
Вчера, и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, изјави дека укинувањето на претходната алатка „балансер“, која сега треба да ја замени новото законско решение, било неопходно поради коруптивните ризици што ги создавал. Односно, дека „балансер“ во формата во која постоеше, суштински водел кон корупција и криминализација.
– Не мислам дека воопшто станува збор за уривање, бидејќи „балансерот“, таков каков што беше, суштински водеше кон корупција и кон криминализација. Назначувањето на највисоките позиции беше лоцирано во рацете на поединци и тие стекнуваа енормна, речиси султанска моќ. Не го укинавме „балансерот“ затоа што така сакавме, туку затоа што тоа беше наведено во извештајот – рече Сиљановска-Давкова на отворањето на акцијата „Генералка викенд“.
Кога предлогот на законското решение на почетокот на април доби виза од владиниот кабинет, првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, изјави дека со него се поставуваат темелите на професионална, транспарентна, модерна и силна мултиетничка администрација. Претходно, познато е, предложеното законско решение доби и позитивно мислење од Венецијанска комисија која посебно нагласила дека мерит-системот мора да претставува темел на секој систем на вработување во јавниот сектор. Според Сали, со новиот закон, посебно внимание се посветува на подобрување на застапеноста на граѓаните кои им припаѓаат на заедниците што се застапени во органите на државната власт и другите институции од јавниот сектор.
– Квалификациите, стручноста и компетентноста, според законското решение, претставуваат примарен критериум, а припадноста кон подзастапена заедница може да се земе предвид само како секундарен критериум, во случај на еднакви квалификации и компетентност на кандидатите. Ова е начинот на кој се зајакнува довербата меѓу граѓаните и меѓу заедниците. И ова е начинот на кој се зајакнува самата држава – нагласи тогаш Сали.
Инаку, со законското решение е предвидено при вработување во администрацијата, граѓаните доброволно да се изјаснуваат за етничката припадност, но може и да не се изјаснат на која заедница ѝ припаѓаат. За да се спречи злоупотреба од арбитрарно изјаснување, се земаат личните документи на граѓаните, односно личното име запишано во лична карта или во друга јавна исправа издадена од надлежен орган. Ако се утврди злоупотреба, кандидатот ќе биде одбиен за тој оглас и не ќе може да се пријави на оглас во следните три месеци. Се предвидува и тоа дека, ако двајца кандидати од различни етникуми конкурирале и имаат еднакви квалификации, предност ќе има кандидатот од етникумот кој не е или е минимално застапен во одредена институција.
Посебно координативното тело го следи и го оценува спроведувањето на правата на граѓаните што им припаѓаат на сите заедници, како и состојбата на меѓуетничките односи во јавниот сектор. На барање на ова тело, сите надлежни органи се должни во рок од 30 дена од приемот на барањето да достават податоци и информации поврзани со состојбата со застапеноста на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
Дали законот ќе биде изгласан во Собранието, ќе зависи од тоа дали власта ќе обезбеди Бадентерово мнозинство, со оглед на тоа дека албанската опозиција е против. (Б. Ѓ.)
Чека и законското решение за едно државјанство
На листата за чекање за усвојување сега е и новопредложената измена со која пратениците ќе може да имаат само едно, македонско, државјанство. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, вчера ни изјави дека причината за чекањето е голем број поднесени амандмани и најавата за „филибастеринг“, со што ќе се опструира донесувањето на решението.
– Оттаму, кога подносителите на амандманите не сакаат да ги повлечат, прашање е дали треба да се става во процедура пред собраниските тела? – објасни Мицевски.
Во врска со прашањето за нерезидентното државјанство, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вчера, рече дека решенијата мора да се носат преку аргументи.
– Прашањето е комплексно. Има држави во кои постои двојно државјанство, има држави во кои не постои. Денес сите се соочуваме со егзодус и со недостиг од работна сила и зборуваме за човечки суштества кои, исто така, имаат право на живот, рече претседателката, додавајќи дека решенијата мора да се носат по широка јавна дебата и со мерење на аргументите „за“ и „против“ – рече таа.












