Студенти од Меѓународниот балкански универзитет презентираа иновативен проект за надминување на прекинот на пешачката врска меѓу Стар и Нов Дојран, при посета на Општина Дојран.
Станува збор за визионерско решение што предвидува изградба на пешачка и велосипедска патека што плови, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците без контакт со сообраќајот на регионалниот пат. Проектот беше презентиран пред градоначалникот, општинските претставници и потенцијалните инвеститори.
– Станува збор за визионерска пловечка пешачка и велосипедска патека, дизајнирана како потенцијално ново обележје што може да го трансформира урбаното искуство во Дојран – се наведува во објавата на Меѓународниот балкански универзитет.
Еден од менторите на тимот студенти, професорот д-р Александар Андовски, објаснува дека проектот се однесува на решавање на клучниот урбан проблем во Дојран: прекинот на пешачката врска помеѓу Стар и Нов Дојран, односно делот каде што завршува патеката „слепо“, кај последните станбени објекти, кои излегуваат на самиот регионален пат.
– Во рамките на идејниот пристап, беа разработени два концепти: пловечка структура на вода, која флексибилно се приспособува на нивото на езерото, и фиксна (статична) конструкција, поставена во плиткиот појас. Двете варијанти овозможуваат и поширока просторна врска меѓу црквата „Свети Георгиј“ во Нов Дојран и новиот комплекс на хотелски апартмани во изградба, со што се заокружува крајбрежниот потег како функционална и атрактивна целина. Овој сегмент моментално претставува алка што недостига во континуираното движење покрај езерото, а основната идеја за воспоставување пешачка патека покрај крајбрежјето произлегува од моите претходни истражувања и предлози за уредување на овој потег, кои беа презентирани и пред локалната самоуправа – вели Андоновски.
Предвидената интервенција на делот од патеката што недостига, а треба во целост да го заокружи поврзувањето на стариот и новиот дел од Дојран, е со должина од околу 250 метри и, како што објаснува професорот, би можела да се изведе од прифатливи материјали за околината.
– Материјализацијата е предвидена со еколошки и локално прифатливи материјали (дрво, лесни метални конструкции), со дизајн што го почитува природниот контекст. Целта не е само да се зачува постојниот контакт со езерото туку и да се создаде нов препознатлив просторен белег, кој ќе го надгради идентитетот на Дојран. Идејата беше позитивно примена на ниво на концепт, а на презентацијата присуствуваа и локални инвеститори, кои покажаа интерес за понатамошно разгледување на можностите за реализација. Покрај интересот од потенцијалните инвеститори, постои и изразен интерес и од страна на Општината за понатамошна разработка и можна реализација на проектот – вели Андоновски.
Од пред десетина години, откако се изгради патека од новиот до стариот дел на Дојран, туристите и жителите може да се движат безбедно покрај езерото, на потегот од плажата „Калдрма“ до граничниот премин со соседна Грција, а делот од влезот во Нов Дојран кон „Калдрма“ сè уште останува отсечен.











