Станува збор за второто издание на младинскиот камп „Бејс камп Љуботен“, иницијатива преку која еден од најстарите планинарски клубови во земјава, „Љуботен“, продолжува да им ги пренесува љубовта кон планината, знаењето и вредностите на новите генерации. Кампот ќе се одржи на 22 и 23 август, во хостелот „Китка“ во Вратница, а е наменет првенствено за младите од 13 до 16 години. За в недела е предвидена и посебна програма за децата од 4 до 12 години. Од планинарскиот клуб „Љуботен“ велат дека младите практично ќе учат како се поставува шатор, како се подготвуваат планинарска тура и планинарски ранец, како безбедно се движи во планина и како се укажува прва помош. Ќе подготвуваат заедничка вечера, ќе ноќеваат во шатори, а вториот ден ќе го применат наученото на планинарската тура до планинарскиот дом „Љуботен“

На 22 и 23 август, во хостелот Китка во Вратница ќе се одржи второто издание на младинскиот камп „Бејс камп Љуботен“, иницијатива преку која еден од најстарите планинарски клубови во земјава продолжува да им ги пренесува љубовта кон планината, знаењето и вредностите на новите генерации.
Планинарскиот клуб „Љуботен“ не ја мери својата повеќе од еден век долга традиција само во освоените врвови и со организираните тури. Нејзината вистинска вредност е во континуитетот, во способноста да се пренесуваат знаењето, искуството и љубовта кон планината од една генерација на друга.
Токму од таа идеја, минатата година, кога одбележа клубот 100 години постоење, се роди „Бејс камп Љуботен“. Она што почна како нова иницијатива, годинава продолжува со второто издание, со намера да прерасне во уште една традиција на клубот.
За разлика од првиот камп, кој се одржа доцна во есента, годинава „Бејс камп Љуботен“ се сели во лето, на 22 и 23 август, во хостелот „Китка“ во Вратница. Кампот е наменет првенствено за младите од 13 до 16 години, а во недела е предвидена и посебна програма за децата од 4 до 12 години.
Од планинарскиот клуб „Љуботен“ велат дека во време кога поминуваат младите сè повеќе време пред екраните, нивната цел е да им понудат поинакво искуство: два дена во кои планината ќе стане нивна училница, а природата простор за стекнување вистински животни вештини.
– Младите практично ќе учат како се поставува шатор, како се подготвуваат планинарска тура и планинарски ранец, како безбедно се движи во планина и како се укажува прва помош. Ќе подготвуваат заедничка вечера, ќе ноќеваат во шатори, а вториот ден ќе го применат наученото на планинарската тура до планинарскиот дом „Љуботен“ – информираат од клубот.
Годинашната програма оди чекор понатаму. Преку предавање на Македонското еколошко друштво (МЕД), младите ќе дознаат како се мониторира рисот, како се следат дивите животни и зошто е важна нивната заштита.
За најмладите, од 4 до 12 години, во недела е предвидена посебна програма со планинарска заклетва, полесна тура низ околината на Вратница, игри и едукативни активности приспособени на нивната возраст.
– Долговечноста на еден клуб не се создава само со чување на неговата историја туку со создавање луѓе што ќе ја продолжат. ПК „Љуботен“ опстојува повеќе од еден век затоа што генерации планинари им ги пренесувале своето знаење, љубовта кон планината и вредностите на оние што доаѓале по нив. „Бес камп Љуботен“, за нас, не е само дводневен камп туку и инвестиција во следната генерација, во младите што ќе научат да ја сакаат природата, да бидат самостојни, одговорни, да си помагаат и да функционираат како заедница. Ако сакаме Љуботен да има уште сто години традиција, денес треба да им дадеме причина на младите да станат дел од неа – изјави Јован Божиновски, претседател на ПК „Љуботен“.
Цената за учество на дводневниот камп изнесува 1.500 денари, додека учеството во неделната програма за најмладите изнесува 300 денари.
За пријавување и дополнителни информации: Марија – 070/634-313 и Фросина – 078/420-281.
– Со „Бејс камп Љуботен“, клубот не создава само уште еден настан во календарот туку и вложува во генерацијата што треба да ја продолжи неговата приказна. Затоа што традицијата не се чува само со сеќавање на минатото. Традицијата се чува кога има кому да му ја предадеме – нагласуваат од ПК „Љуботен“.












