среда, септември 23, 2026
Дома МАГАЗИН Пита со сливи, сочна одвнатре, крцкава одозгора – класика што мириса на...

Пита со сливи, сочна одвнатре, крцкава одозгора – класика што мириса на есен

0

Оваа пита традиционално се подготвува во Германија, каде колачите со свежи сливи се вистинска класика кон крајот на летото и почетокот на есента.

Комбинацијата од ронливо тесто, сочни сливи и крцкави трошки одозгора ја прави питата особено привлечна. При печењето сливите го испуштаат својот сок и создаваат слатко-кисел слој меѓу тестото и златните трошки, додека циметот ѝ дава препознатлив есенски мирис.

Состојки

За тестото:

250 г мазно брашно
100 г шеќер
125 г ладен путер
1 јајце
1 лажичка прашок за печиво
1 ванилин шеќер
прстофат сол

За филот:

700 до 800 г сливи
2 лажици шеќер
1 лажичка цимет
1 лажица презла или мелени бадеми

За трошките:

150 г мазно брашно
80 г шеќер
100 г ладен путер
1 ванилин шеќер
Подготовка

Измешајте ги брашното, шеќерот, ванилиниот шеќер, прашокот за печиво и прстофат сол. Додадете го ладниот путер исечен на коцки и со прстите втријте го во брашното. Додадете го јајцето и кратко замесете го тестото. Завиткајте го и оставете го во фрижидер околу 30 минути.

Во меѓувреме, измијте ги сливите, преполовете ги и отстранете ги семките. Измешајте ги со шеќерот и циметот.

Оладеното тесто притиснете го во подмачкан калап или помал правоаголен плех. Посипете со тенок слој презла или мелени бадеми, кои ќе впијат дел од сокот што сливите ќе го испуштат при печењето. Врз тестото густо распоредете ги сливите.

За трошкастиот посип измешајте ги брашното, шеќерот и ванилиниот шеќер, па додадете го ладниот путер. Со прстите втријте ги состојките додека не добиете крупни трошки. Рамномерно распоредете ги врз сливите.

Печете ја питата во рерна загреана на 180 степени околу 40 до 45 минути, односно додека трошките не добијат златна боја.

Оставете ја малку да се излади пред сечењето. Највкусна е додека е уште млака, а може да се послужи со малку изматена слатка павлака или топка сладолед од ванила.

ИЗДВОЕНИ