На седница за пратенички прашања, пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, обвини за можно заташкување во случајот со апсењето на директорот на Инспекторатот за земјоделство, Илија Стоилов.
Петровска покажа фотографии за кои рече дека се од моментот на апсењето во подземна гаража на улицата „Матеја Матевски“, тврдејќи дека локацијата води кон станот на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.
- Го уапсивте само директорот, а не и крајниот корисник на тие средства. Локацијата на апсењето е во подземна гаража од каде се оди кон станот на Трипуновски, рече Петровска, додавајќи дека овој детал никогаш не бил објавен од страна на институциите.
Таа го праша министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дали акцијата била прекината пред осомничениот да ги предаде парите, алудирајќи на можен обид за заштита на друго лице.
- И брат да е, ќе одговара – така велевте, министре, додаде Петровска.
Тошковски на ова реагираше со потсмев, оценувајќи дека изнесените тези се „поблиску до научна фантастика отколку до реалноста“.
- Инвентивноста ви е сѐ подобра. Народот ќе ве цени врз основа на ваквите прашања. Лицето е уапсено таму каде што ги примило парите. Во објектот живеат многу поранешни и сегашни функционери, рече Тошковски, додавајќи дека не знае кој сѐ живее таму.
Тој ја обвини Петровска за „груба манипулација“ и оцени дека ваквиот пристап е обид за дефокусирање на јавноста.
Петровска возврати дека не станува збор за „инвентивност“, туку за факти, повторно покажувајќи ги фотографиите за кои тврди дека се од местото на, како што рече, „кривично-правниот настан“.
- Ако стануваше збор за функционер од претходната власт, ќе нѐ вмешавте сите. Но бидејќи станува збор за ваш човек, не смеете да го допрете, рече Петровска, обвинувајќи дека е уапсен само директорот, а не и „крајниот корисник“ на парите.
Таа додаде дека начинот на кој ѝ одговорил Тошковски, само го потврдува нејзиниот сомнеж.











