сабота, јуни 6, 2026
Дома СВЕТ Пет сомнителни ситуации: Минути пред важните објави на Трамп, нечие богатство расте

Пет сомнителни ситуации: Минути пред важните објави на Трамп, нечие богатство расте

157
EPA/KEN CEDENO / POOL

Споредувајќи ги податоците за обемот на тргување на неколку финансиски пазари со некои од најзначајните изјави на Трамп што влијаеја на пазарите, Би-би-си наведува примери кои „мирисаат“ на инсајдерство, кое во САД е казниво од 1933 година, но е тешко за докажување

 

За време на вториот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп, трговците вложуваа милиони долари непосредно пред неговите големи најави, што привлекува внимание на јавноста и поведува сомневања за тешко докажливото нелегално стекнување профит врз основа на инсајдерски информации на „одбрани“ лица.

Што стои зад тоа, анализира Би-би-си, споредувајќи ги податоците за обемот на тргување на неколку финансиски пазари со некои од најзначајните изјави на Трамп што влијаеја на пазарите.

Војната практично заврши 9 март 2026 година.

Оваа изјава е дадена девет дена по почетокот на војната меѓу САД и Израел против Иран, во телефонско интервју за „Си-би-ес њуз“. Во 18:29 часот по Гринич, имаше ненадејно зголемување на облозите за цената на нафтата, додека објавата на Трамп дојде подоцна, во 19:16 часот. Трговците со нафта реагираа со брза продажба, што предизвика цената на нафтата да падне за околу 25 проценти, само една минута по објавата. Сепак, податоците за пазарот покажуваат дека е забележано голем пораст на облозите за пад на цените на нафтата дури 47 минути претходно, при што трговците кои инвестираа потоа заработија милиони долари.

Целосно и конечно решавање на конфликтот 23 март 2026 година.

Само два дена откако се закани дека ќе ги „уништи“ иранските електрани, Трамп објави на својата социјална мрежа „Тру сошл“ дека Вашингтон имал „многу добри и продуктивни разговори со Техеран за целосно и конечно решение“, што беше големо изненадување за дипломатите и бизнисмените. Во периодот од 10:48 до 10:50 часот наутро имаше ненадејно зголемување на облозите за цената на нафтата, додека Трамп ја даде изјавата подоцна, во 11:04 часот. Повторно, по една минута, во 11:05 часот, цената на нафтата падна за 11 проценти. Потоа, Би-би-си објави дека 14 минути пред објавата на Трамп се евидентирани невообичаено голем број облози за цената на нафтата.

Суспендирање на царините 9 април 2025 година.

Освен оние поврзани со времетраењето на конфликтот на Блискиот Исток, постојат и други примери за сомнителни активности. На 2 април минатата година, Трамп го објави „Денот на ослободувањето“, односно воведување широк пакет царини за стоки од речиси сите земји во светот. Поради таа најава, глобалните берзи веднаш паднаа. Но, една недела подоцна, кога објави 90-дневна пауза на царините, освен за Кина, пазарите нагло пораснаа. Текот на настаните беше таков што во 18:00 часот, по британско летно време, трговците почнаа да инвестираат во порастот на пазарот, 18 минути пред објавата за паузирање на царините. Една минута подоцна, пазарот силно порасна. Бројот на договори скокна на повеќе од 10.000 во минута, додека претходно имаше само неколку стотици. Некои трговци инвестираа повеќе од два милиони долари на пазарот што растеше, и покрај претходните седум дена последователни падови, остварувајќи профит од речиси 20 милиони долари. Подоцна, демократските сенатори побараа од регулаторот (СЕЦ) да истражи можно инсајдерско збогатување, но СЕЦ не реагираше, а Белата куќа не одговори на барањето на Би-би-си.

Апсење на Николас Мадуро 3 јануари 2026 година

Во декември 2025 година, анонимен трговец на платформата за обложување „Полимаркет“ отворил сметка под псевдоним Burdensome-Mix. На 2 јануари инвестирал 32.000 долари, обложувајќи се на идејата дека Мадуро ќе биде соборен. Следниот ден, кога тоа навистина се случи, анонимниот трговец заработи 436.000 долари и веднаш исчезна од платформата.

Напад врз Иран 28 февруари 2026 година

Во февруари оваа година беа отворени шест сметки со облози на американски напад врз Иран. Кога нападите беа потврдени, корисниците остварија голем профит. Покрај тоа, еден од нив подоцна заработи уште 163.000 долари со правилно предвидување на примирјето. Вкупната добивка беше 1,2 милиони долари.

Тргувањето со инсајдерски информации е нелегално во САД од 1933 година, а од 2012 година, законот важи и за владини претставници. Сепак, досега никој не е гонет врз основа на тие правила, според британската јавна служба. Професорот по финансиско право, Пол Один, истакнува дека ваквите случаи се тешки за докажување.

ИЗДВОЕНИ