четврток, септември 24, 2026
Дома СВЕТ Песков: Одлуката за учеството на Путин на самитот на Г20 во САД...

Песков: Одлуката за учеството на Путин на самитот на Г20 во САД ќе биде донесена подоцна

0

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека одлуката за тоа дали претседателот Владимир Путин ќе учествува на декемврискиот состанок на Г20 – групата на 20-те најголеми светски економии – во Мајами, на кој САД го поканија како домаќин, ќе биде донесена подоцна.

„Поканата ќе биде разгледана и потоа ќе биде донесена соодветна одлука“, рече Песков на редовниот брифинг, како што пренесе руската новинска агенција ТАСС.

Тој додаде дека Русија „во секој случај има намера“ да продолжи со учеството во работата на Г20 и на сите нејзини собири.

Русија е членка на Г20, но Путин не присуствувал на самитите од 2019 година, иако еднаш се вклучил преку видео-врска, во 2023 година.

Говорејќи на прес-конференција во Њујорк во средата – по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на заседанието на Генералното собрание на ОН – американскиот државен секретар Марко Рубио изјави: „Го поканивме претседателот Путин на Г20“, чиј самит е закажан да се одржи во голф-клубот „Нашнал Дорал“ на американскиот претседател Доналд Трамп во Мајами.

„Сметаме дека ова е можност тој да оствари контакт не само со Трамп, туку и со други светски лидери. Се надеваме дека ќе ја прифати поканата“, рече Рубио.

Оваа покана означува значајна промена во ставот на администрацијата на претседателот Доналд Трамп во однос на меѓународната изолација на Русија поради нејзината војна против Украина, пренесува британскиот весник „Гардијан“. Весникот сугерира дека американската покана до Путин веројатно предизвикува загриженост во Украина и на други места во Европа, каде што неодамна се изнесуваа тврдења дека Русија спроведува хибридни напади за да ја попречи логистиката и да посее политичка неизвесност меѓу сојузниците на Киев, пренесува „Бета“.

ИЗДВОЕНИ