Осумдесет и двегодишен маж почина по физичка пресметка со друг посетител на плажа во грчкото одморалиште Вулиагмени, во близина на Атина. Според грчките медиуми, на инцидентот му претходела расправија околу лежалка, а полицијата сега го истражува точниот редослед на настаните и причината за смртта, пренесува Би-Би-Си.
Инцидентот се случил нешто по 9 часот наутро. Локалните извештаи наведуваат дека 82-годишникот пристигнал на плажата со сопругата и зазел неколку лежалки. Набргу потоа, на истото место пристигнал 76-годишен маж со 21-годишна жена, која поседувала легитимација за лице со попреченост.
Меѓу нив избила расправија околу користењето на една од лежалките, а вербалниот судир брзо ескалирал.
Во еден момент, младата жена што го придружувала 76-годишникот се почувствувала лошо и била однесена во медицинската станица на плажата. Нејзиниот придружник потоа се вратил, а конфликтот со 82-годишникот прераснал во физичка пресметка.
Сведоците опишале хаотична сцена во која во судирот се вклучиле и други луѓе. Еден сведок изјавил за весникот „Катимерини“ дека од другиот крај на плажата се слушале врисоци.
За време на турканицата, на 82-годишникот му се слошило, а спасувачите го пренеле во медицинската станица и се обиделе да го реанимираат со примена на компресии на градниот кош и дефибрилатор. Подоцна бил пренесен со брза помош во болницата „Асклепиејо“ во Вула, каде што била констатирана смрт.
Според некои извештаи, додека му се укажувала помош, мажот спомнал дека претходно имал операција со троен бајпас. Полицијата го уапсила 76-годишниот маж по инцидентот. Локалните медиуми известуваат дека тој се соочува со обвиненија за нанесување тешки телесни повреди што резултирале со смрт.
Приведена била и 21-годишната жена што била со него, но подоцна била пуштена, а сведоците забележале дека нејзиното лице било крваво и отечено.
Надлежните органи моментално ја истражуваат точната причина за физичката пресметка и дали смртта на 82-годишникот била директна последица на тепачката или на здравствен проблем што настанал за време на судирот. Пријател на уапсениот 76-годишник, кој исто така бил на плажата, раскажа поинаква верзија на настаните. Според него, тензијата започнала додека тој купувал влезница.
„Мојот пријател отиде да земе лежалки додека јас ја купував влезницата. Тој влезе во расправија со 82-годишниот маж, кој му рече: ‘Знаеш ли кој сум јас? Јас сум од Морнарицата’“, рече тој.
Тој додаде дека неговиот пријател и 21-годишната жена се здобиле со повреди и тврдеше дека 76-годишникот не го нападнал постариот маж.
„Мојот пријател ми кажа дека воопшто не го допрел. Другиот маж го соборил на земја и го тепал“, изјави тој.
Друг посетител на плажата, присутен на местото на настанот, опиша ситуација на целосен хаос.
„Слушнавме викање, истрчавме да видиме што се случува и затекнавме тепачка во тек. Вработените први пристигнаа. Беше хаотично, никогаш не сум слушнал жена така да вреска. Видов како тепаат еден маж, па друг, а потоа и една жена“, рече тој. Тој додаде дека потоа виделе спасувачи како се обидуваат да го реанимираат 82-годишниот маж.
Друг сведок изјави дека изгледало оти починатиот маж чекал други луѓе и претходно зазел лежалка, што наводно било и првичната причина за конфликтот.
Полицијата ја продолжува истрагата за да го утврди точниот редослед на настаните и конечната причина за смртта.












