вторник, септември 22, 2026
Дома СВЕТ Германски план за депортација: Невработените млади први на ред, со бонус од...

Германски план за депортација: Невработените млади први на ред, со бонус од 1.000 евра

1

Германската влада планира оваа есен да започне со пошироко преиспитување на заштитниот статус на дел од сириските државјани кои престојуваат во земјата, објавуваат германските медиуми. Иницијативата за поширока ревизија доаѓа од пратеничката група на CDU/CSU, а според најавите, процесот во првата фаза би се фокусирал на млади мажи без придружба кои примаат социјална помош и не се вработени.

Според прелиминарните информации, германскиот министер за внатрешни работи Александар Добриндт планира Сојузната канцеларија за миграција и бегалци (BAMF) оваа есен да започне со постапки за преиспитување на заштитниот статус на дел од Сиријците.

Александар Тром, портпарол на пратеничката група CDU/CSU за внатрешна политика, изјавил дека ревизијата првенствено треба да ги опфати младите мажи без придружба кои се корисници на социјална помош.

„Прегледот на можноста за укинување на заштитата треба да започне со млади мажи без придружба кои примаат социјална помош, односно со оние кои не работат“, изјавил Тром за германските медиуми.

Во исто време, тој посочил дека за вработените Сиријци, како што се лекарите и медицинските сестри, постои можност за преминување кон дозвола за престој врз основа на вработување.

Покрај преиспитувањето на заштитниот статус, CDU/CSU бара и проширување на програмите за доброволно враќање на сириските државјани во нивната матична земја.

Според Тром, финансиските средства за доброволно заминување би требало да се зголемат, со образложение дека доброволното враќање претставува помал трошок за државата од присилната депортација. Нацрт-буџетот за 2027 година веќе вклучува зголемени средства за доброволно заминување, пренесуваат германските медиуми. Во моментов, овие бонуси изнесуваат 1.000 евра по возрасно лице.

Во моментов, во Германија живеат околу 912.000 сириски државјани. Доколку се земат предвид и лицата кои во меѓувреме добиле германско државјанство, како и членовите на нивните семејства, бројот на луѓе со сириско потекло во земјата се проценува на околу 1,3 милиони.

Бројот на сириски државјани во Германија во последниот период благо се намалил, меѓу другото поради тоа што дел од нив добиле германско државјанство, а дел се вратиле во Сирија.

ИЗДВОЕНИ