Во првите две години, владата на СДСМ и ДУИ ги зголеми пензиите за приближно 540 денари, а оваа Влада ја зголеми просечната старосна пензија за над 6.800 денари или тоа е разлика од 12,6 пати – истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање во врска со одлуката со која пресметките на пензиите ќе се прават во согласност со законот, а се повлекува линеарното зголемување на пензиите.
– Тоа што го направивме за овие 25-26 месеци е повеќе од она што тие направија за седум години додека беа влада, а да не зборувам за тоа што им го укинуваа законот, па потоа измислуваа некој швајцарски модел. И да не се враќаме во минатото кога на пензионерите им беше скратен оној процент од нивната пензија во времето на претходните влади на СДСМ – рече Мицкоски.
Посочи дека денешната опозиција е лицемерна бидејќи, како што рече, „од една страна, испраќа свои експерти, кои ги фали на социјалните медиуми, и пред Уставниот суд ги предизвикува одлуките на оваа Влада за линеарното зголемување на пензиите, а од друга, лицемерно излегуваат без никаков аргумент, се обидуваат да испратат критика“.
Премиерот Мицкоски истакна дека македонските граѓани се свесни за тоа што го направи оваа Влада и може да направат јасна разлика со претходното сторено.
– Јас не велам дека тоа е доволно, не велам дека тоа ќе ги реши сите проблеми, но е многу подобро од она што беше во времето на СДСМ и ДУИ – изјави Мицкоски.
Иницијативниот одбор за линеарно зголемување на пензиите, пак, побара новиот механизам за усогласување на пензиите да се уреди со закон и зголемувањето да биде во еднаков паричен износ за сите, наместо процентуално. Пензионерите сметаат дека разликите во образованието, стажот и сложноста на работните места се веќе пресметани во висината на почетната пензија, додека по пензионирањето, трошоците за живот се зголемуваат исто за сите.












