Од Фондот за ПИОМ велат дека најголемиот дел од забелешките во ревизорскиот извештај се однесуваат на период кога институцијата била раководена од претходниот менаџмент и претставуваат долгогодишни системски слабости. Тврдат дека дел од констатираните недостатоци веќе се надминати преку нови контролни механизми и реформи во административното и финансиското работење. Во однос на обврските кон Фондот за здравствено осигурување и вториот пензиски столб, појаснуваат дека тие се зголемени поради историскиот раст на пензиите, а не поради нарушена ликвидност на системот. Од ПИОМ уверуваат дека исплатата на пензиите, здравствените права на пензионерите и финансиската стабилност на Фондот остануваат целосно обезбедени

Во врска со конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија за 2024 година, Фондот ја информира јавноста дека станува збор за редовна годишна ревизија што се спроведува секоја година, согласно со закон и ги опфаќа финансиското работење, усогласеноста на постапките и управувањето со средствата на институцијата.

– Важно е да се нагласи дека предмет на ревизија е работењето на Фондот во текот на целата 2024 година. Во првите девет месеци од ревидираниот период, со Фондот управуваше раководен кадар именуван во време на претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ, додека актуелното раководство ја презеде одговорноста за управување со институцијата во последниот квартал од годината. Поради тоа, најголемиот дел од ревидираните постапки, одлуки, договори, административни процеси и утврдени состојби се однесуваат на период кога Фондот функционирал под раководство на претходниот менаџмент – потенцираат од Фондот за ПИОМ.

Оттаму нагласуваат дека значителен дел од забелешките на ревизорите се однесуваат на состојби што се провлекуваат со години и биле нотирани и во претходни ревизорски извештаи, што укажува дека станува збор за наследени системски слабости.

– Фондот на ПИОМ нагласува дека по преземањето на функцијата, актуелниот менаџмент веднаш пристапи кон анализа на сите ризични процеси и воведе конкретни мерки за надминување на утврдените слабости. Во делот на јавните набавки, отстранети се сите недостатоци забележани во наодите и се воспоставени дополнителни контролни механизми, зајакнати се процедурите за планирање и реализација на набавките и е воспоставен систем на повисока транспарентност и отчетност. Преземени се активности за средување на административните евиденции, подобрување на внатрешните контроли, унапредување на финансиското управување, зајакнување на институционалната дисциплина и подобрување на процесите поврзани со управувањето со средствата и имотот на Фондот – истакнуваат од пензискиот фонд.

Што се однесува до нотираните слабости што се однесуваат на тековното административно работење и на системот на јавни набавки, од Фондот велат дека се надминати тие.

– Механизмите воспоставени на крајот од 2024 и во текот на 2025 година, значително го намалуваат ризикот од повторување на констатираните состојби во иднина и ова е нотирано во извештајот на ДЗР, во прилог на забелешките од Фондот на ПИОМ – додаваат оттаму.

Воедно, во јавноста беа пренесени забелешки од ревизорите што се поврзани со обврските на Фондот за ПИОМ кон Фондот за здравствено осигурување и трансферите кон пензиските друштва од вториот столб. Во таа насока, Фондот на ПИОМ појаснува дека зголемувањето на овие обврски е директна последица на историски најголемото зголемување на пензиите во државата.

– Со одлуките донесени во изминатиот период, пензиите беа зголемени номинално за околу 7.000 денари месечно за сите 347.000 пензионери. Тоа значи дополнителни средства за пензионерите во износ од околу 30 милијарди денари на годишно ниво. Бидејќи придонесот за здравствено осигурување на пензионерите се пресметува како процент од исплатената пензија и изнесува 11,8 проценти од нето- исплатената пензија, а делот за вториот столб е 6 проценти од вкупните придонеси за пензиско осигурување, сосема очекувано е со растот на пензиите да се зголемува и обврската по овој основ кон Фондот за здравствено осигурување.

Оттука, Фондот на ПИОМ нагласува дека зголемените обврски се директен резултат на повисоките пензии и на подобриот животен стандард на пензионерите, а не последица на нарушена финансиска стабилност или нефункционирање на системот.

– Исплатите по овие основи зависат од висината на средства обезбедени во буџетот на ПИОМ и реализацијата на овие стапки во буџетот на Фондот за 2024 година изнесува 82,24 проценти за ФЗО и 92,95 проценти за вториот столб. Во ниту еден момент не е доведено во прашање здравственото осигурување на пензионерите. Сите пензионери непречено и континуирано ги остваруваат своите права од здравственото осигурување и редовно ги добиваат здравствените услуги под исти услови како и досега – велат оттаму.

Фондот на ПИОМ целосно ги прифаќа препораките на Државниот завод за ревизија и континуирано работи на нивната имплементација.

– Фондот на ПИОМ останува посветен на принципите на законитост, отчетност, транспарентност и домаќинско управување со средствата на осигурениците и на пензионерите. Граѓаните и пензионерите треба да бидат уверени дека финансиската стабилност на Фондот, редовната исплата на пензиите, непреченото функционирање на пензискиот систем и континуираното обезбедување на здравствените права на пензионерите не се доведени во прашање и остануваат приоритет на актуелното раководство на ПИОМ и ма Владата – децидни се од пензискиот фонд.

Државниот завод за ревизија во својот извештај посочи дека и покрај растот на приходите од придонеси, Фондот за ПИОМ и понатаму не обезбедува доволно средства за покривање на расходите за пензии, поради што во значителна мера зависи од трансфери од буџетот на државата, кои во 2024 година учествуваат со 36,71 % од вкупните приходи. Ревизијата констатира сериозни слабости во финансиското и административното работење, вклучително и доцнење во уплатата на придонесите кон вториот пензиски столб и здравствениот фонд, недоволни кадровски капацитети и нецелосна евиденција и попис на имотот и побарувањата, поради што е изразено неповолно мислење за финансиските извештаи и усогласеноста на работењето на Фондот за 2024 година.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ