сабота, ноември 21, 2026
Дома СВЕТ Пентагон се подготвува за голема војна: Американските бази треба да издржат 90...

Пентагон се подготвува за голема војна: Американските бази треба да издржат 90 дена без надворешна помош, граѓаните масовно создаваат резерви

0
EPA/ERIK S. LESSER

Пентагон ги подготвува американските воени бази да останат оперативни најмалку 90 дена без надворешна поддршка, подготвувајќи се за можноста од голема војна која би можела да ги парализира електроенергетските мрежи, да ги наруши синџирите на снабдување и да ја загрози критичната инфраструктура на територијата на САД.

Овие подготовки на Пентагон предизвикаа паника кај американската јавност, па граѓаните почнаа да се подготвуваат како да се приближува крајот на светот.

Конкретно, новиот услов е дел од програмата „FORTRESS“ – поширока воена иницијатива чија цел е да се осигура дека силите на САД ќе можат да продолжат со борбените дејствија дури и доколку дојде до прекин во функционирањето на цивилните системи од кои тие зависат.

„Не сакаме да се потпираме на стандардната цивилна инфраструктура за јавни услуги за одржување на нашата национална одбрана. Едноставно не можеме да си го дозволиме тоа. Тоа претставува неприфатлив ризик“, изјави за „Fox News Digital“ Шон Парнел, главен портпарол на Пентагон.

Пентагон, исто така, ги поставува темелите за пренасочување на капацитетите на цивилната индустрија кон производство на воена опрема во случај на криза, истовремено подготвувајќи алтернативни синџири на снабдување и стратешки резерви, со цел да се обезбеди непречен доток на оружје, гориво и други неопходни материјали.

„Електричната енергија денес е составен дел од борбените операции. Без неа, губите комуникации, водоснабдување, логистика, производни линии, па дури и основните структури на воената команда“, рече Парнел, кој раководеше со иницијативата „FORTRESS“.

Во рамките на програмата „FORTRESS“, Пентагон бара секоја голема воена база на континенталниот дел на САД да може најмалку 90 дена самостојно да ги одржува клучните операции, без зависност од надворешна поддршка.

Тоа подразбира независно снабдување со електрична енергија, вода и гориво, како и непречено функционирање на комуникациските системи. Подготовките се одговор на можноста од голем вооружен конфликт кој би можел да ја наруши цивилната инфраструктура, електроенергетските мрежи и глобалните синџири на снабдување.

„Голем дел од нашето размислување за одбраната се засноваше на застарената претпоставка дека два океана ќе нè штитат. Тој свет веќе не постои“, изјави Шон Парнел, портпарол на Пентагон.

Програмата предвидува употреба на преносливи нуклеарни реактори, големи батериски системи и независни електроенергетски мрежи, кои ќе им овозможат на воените бази да функционираат и при долготрајни прекини на снабдувањето со струја.

Пентагон планира и создавање стратешки резерви на муниција, гориво, критични минерали, електронски компоненти, резервни делови и медицински материјали. Дополнително, за секоја важна воена компонента ќе треба да постојат најмалку два квалификувани добавувачи, за да се избегне зависност од една фабрика или производител.

Дел од планот е и подготовка на цивилната индустрија за евентуална воена мобилизација. Тоа значи дека одредени фабрики однапред ќе бидат идентификувани и подготвени да преминат на производство на воена опрема во случај на криза.

Иницијативата опфаќа и заштита на воените комуникации, навигациските и сателитските системи од можни напади и попречување на сигналите.

Американците масовно создаваат резерви

Додека Пентагон ги подготвува воените капацитети за најлоши сценарија, во САД расте и интересот на граѓаните за создавање домашни резерви на храна, вода и опрема за итни случаи.

Според американските медиуми, продажбата на производи како флаширана вода, конзервирана храна, пропан, батерии и генератори бележи значителен раст.

Интернет-продавницата „Survival Frog“, специјализирана за опрема за вонредни ситуации, пријавила зголемување на продажбата од дури 450 проценти во период од три недели, почнувајќи од 27 октомври.

Податоците на „Гугл трендс“ покажуваат дека пребарувањата за подготовка за вонредни ситуации се зголемиле за 300 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Дополнителна вознемиреност предизвикале извештаите за планот на Пентагон, особено споменувањето на рокот од 90 дена. На социјалните мрежи се прошириле неточни тврдења дека американската влада ги предупредува граѓаните да се подготват за 90-дневен прекин на електричната енергија.

Некои објави дури тврделе дека на 17 ноември САД ќе ги погоди целосен прекин на струјата во траење од 90 дена. Овие тврдења беа оценети како неточни од американскиот сервис за проверка на факти „PolitiFact“.

Американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да ги смири граѓаните, порачувајќи дека нема потреба од паника.

„Опуштете се, сè е во ред. Ќе ве известам ако има некаков проблем“, изјави Трамп за „Фокс њуз“.

И потпретседателот Џеј Ди Венс ги отфрли шпекулациите дека Американците треба да градат бункери или да создаваат големи резерви на храна и вода.

Во меѓувреме, и други земји преземаат слични мерки за подготвеност. Велика Британија започна кампања со која ги повикува граѓаните да бидат подготвени самостојно да функционираат 72 часа во вонредни ситуации, додека Европската комисија објави нови насоки за подготовка на населението за кризни состојби.

ИЗДВОЕНИ