недела, октомври 11, 2026
Дома СВЕТ Пекол во Ормускиот теснец: Супертанкер експлодираше/ВИДЕО

Пекол во Ормускиот теснец: Супертанкер експлодираше/ВИДЕО

132
Foto: Printscreen/@iribnews_irib

Супертанкер што превезувал сурова нафта експлодирал и се запалил откако наводно налетал на морска мина при обид да излезе од Ормускиот Теснец, објави иранската телевизија „Прес ТВ“, пренесувајќи информации од „НДТВ“.

Според иранските медиуми, бродот користел „неовластена и опасна рута“. Корпусот на чуварите на исламската револуција (ИРГЦ) соопштил дека танкерот ги исклучил навигациските системи и ГПС непосредно пред да удри во морската мина.

Пожарот бил толку голем што го пријавиле и жители од крајбрежјето, иако се наоѓале на значително растојание од местото на инцидентот.

Засега, информациите за причините за експлозијата и околностите под кои дошло до инцидентот се засноваат на тврдењата на иранската страна.

Од ИРГЦ предупредиле дека бродовите што нема да ги почитуваат правилата и безбедносните прописи за пловидба низ Ормускиот Теснец ќе се соочат со сериозни последици.

„Секој танкер што ќе ги прекрши правилата и ќе ги игнорира безбедносните прописи на Ормускиот Теснец ќе се соочи со огромен пожар“, порачале од ИРГЦ.

Оттаму најавиле и дека мерките против бродовите што користат неовластени пловни рути нема да бидат ограничени само на Ормускиот Теснец. Според нив, таквите пловила ќе бидат следени и „казнувани“ низ целиот регион.

Иран тврди дека неговите вооружени сили имаат целосна контрола врз Ормускиот Теснец од почетокот на, како што ја нарекува Техеран, „американско-израелската агресија“.

Во меѓувреме, комерцијалниот поморски сообраќај низ овој стратешки важен премин драстично се намалил.

Иранските власти порачале дека нема да го отворат пловниот пат сè додека Соединетите Американски Држави не ги исполнат нивните барања и не преземат чекори за обновување на довербата.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан неодамна изјавил дека неговата земја нема да се откаже од преговорите, иако, според неговите зборови, САД двапати ја нападнале за време на претходните разговори.

На средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Туркменбаши, Туркменистан, Пезешкијан истакнал дека Техеран и понатаму е подготвен за дијалог.

„Ние преговараме. Но, секогаш кога ќе влеземе во дијалог со Соединетите Американски Држави, тие повторно нè напаѓаат. И покрај тоа, нема да ја напуштиме преговарачката маса ниту ќе се откажеме од дијалогот“, изјавил иранскиот претседател.

ИЗДВОЕНИ