четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Партнерот на Трамп во голф, финскиот претседател Стуб, со мрачна прогноза: Војната...

Партнерот на Трамп во голф, финскиот претседател Стуб, со мрачна прогноза: Војната во Иран се заканува со глобална рецесија, полоша од онаа во пандемијата на ковид

274
EPA/SAMUEL CORUM / POOL

Еден од најголемите оптимисти во Европа, финскиот претседател Александер Стуб,  не ја крие својата необично мрачна процена за тоа каде го води светот претседателствувањето на неговиот некогашен партнер во голф, Доналд Трамп.

Во ексклузивно интервју за „Политико“, тој вели дека војната во Иран носи ризик од „самопредизвикана глобална рецесија“, која би можела да доведе до потешки последици за економијата од пандемијата на коронавирусот. Како лидер на ЕУ со, веројатно, најдобар личен однос со Трамп и со авторитет на полето на меѓународните односи, финскиот претседател е влијателен глас во ова време на повеќекратни кризи. Во разговор за „Политико“, тој вели дека експерт кому му верува го предупредил дека економското влијание на војната во Иран „може да биде полошо од ковид“. Светот, предупредува тој, треба да слуша.

– Ова ви покажува што се случува кога дејствувате надвор од рамките на меѓународните правила и норми – изјавува Стуб.

Тој додава дека конфликтот на Блискиот Исток веќе го покажал тоа колку се меѓусебно поврзани земјите и синџирите на снабдување со енергетските пазари и геополитиката. Затоа, оценува, „трансакцискиот“ пристап на администрацијата на Трамп кон надворешната политика „Америка на прво место“ нема да функционира.

– Она што го гледаме сега е пропаѓање на меѓународните институции или правила точно во време од историјата кога ни се потребни повеќе од кога било, без разлика дали станува збор за решавањето конфликти, решавањето климатски промени, решавањето етички прашања поврзани со вештачката интелигенција или со биотехнологијата, решавањето на развојот – рече Стуб.

Финскиот претседател има подобра позиција од повеќето европски лидери за да знае што би можел да направи Трамп следно. Тој точно предвиде минатата есен дека Трамп ќе го удри рускиот претседател Владимир Путин со „голем стап“, додека многумина беа скептични. Строгите санкции на САД врз извозот на руска нафта следуваа неколку недели подоцна.

– Ова, можеби, звучи малку грубо, но Иран не е мојата војна. Украина е мојата војна – одговора Стуб на прашањето на „Политко“ дали треба да се соберат европските сојузници за да му помогнат на Трамп во Заливот, како што побара тој.

Според него, ​​зборувањето за светска војна е „големо, веројатно преголемо за човечкиот ум да го разбере во оваа фаза од развојот на меѓународните односи“. Но, тој додава дека „кога нема меѓународни правила и норми што го водат нашето однесување, конфликтот е секогаш зад аголот“.

– Не би сакал да зборувам за трета светска војна, засега – вели финскиот претседател, Стуб.

 

ИЗДВОЕНИ