Папата (не) прима плата!

54
EPA-EFE/FABIO FRUSTACI

Папата Лав XIV, новиот поглавар на Католичката црква и првиот Американец што ја имал таа позиција во историјата, не добива традиционална плата, но сите негови животни потреби се целосно обезбедени. Иако управува со заедница од над милијарда верници и води суверена држава, Ватикан му дозволува да живее без никакви лични трошоци.

Најмалата независна држава во светот се грижи за секој аспект од животот на папата – од сместување и храна, до здравствена заштита, транспорт и осигурување. Технички, папата има право на месечна плата од околу 2.500 евра, но во пракса, повеќето папи се откажуваат од тој приход. Папата Франциск одбил лична плата во текот на целиот свој понтификат, избирајќи скромно да живее во ватиканскиот пансион „Домус Санкте Мартае“, пренесе „Индекс“.

Новиот папа, Лав XIV, најави дека ќе го следи истиот пат – едноставно и во духот на служење, а не за лична корист. Сепак, тоа не значи дека нема пристап до ресурси: на располагање му се службени возила, резиденции, обезбедување и хуманитарни фондови. Познато е и дека папата располага со посебни средства за донации, како што тоа го правеше папата Франциск за затвореници и сиромашни.

Според проценките, вкупната вредност на ресурсите што му се ставаат на располагање на папата – вклучувајќи ги сите услуги што ги финансира Ватикан – достигнува милионски суми. Иако тоа формално не се смета за лично богатство, сепак претставува привилегии што му овозможуваат целосна посветеност на духовната мисија.

Пред да биде избран за папа, кардинал Роберт Превост, кој сега го носи името Лав XIV, примал месечен надомест од 4.000 до 5.000 евра – стандардна плата за кардинали. Сега, меѓутоа, нема потреба од финансиски примања – затоа што сè му е покриено.

Папата Лав XIV, роден во Чикаго, е познат по својата отвореност кон маргинализираните заедници и умерените ставови, што го става во континуитет со реформскиот дух на неговиот претходник. Неговиот избор на папското име исто така има симболично значење – папите со името Лав во историјата биле познати по општествени реформи и силно лидерство во кризни времиња. Со тоа, Превост испраќа јасна порака за правецот во кој има намера да ја води црквата.

ИЗДВОЕНИ