Како се ближи крајот на судењето, забележителна е нервозата во однесувањето на обвинетиот Љупчо Палевски. На продолжението од судскиот процес за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, откако судијата Ивица Стефановски не и дозволи на одбраната да изведува докази кои претходно беа презентирани од обвинителството, Палевски повторно побара изземање на судијата, а Судот го одби неговото барање. -Пресудата е донесена на прес конференција на 05-12-2023 година од обвинителот Гаврил Бубевски и тогашниот министер за внатрешни Оливер Спасовски, го образложи барањето за изземање на судијата првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо.
„Судијата крие оружје бидејќи не се вклопува во претходно нарачаната пресуда на прес конференција од Гаврил Бубевски и Оливер Спасовски. Доживотната робија не ме плаши ниту влијae на мене. Има докази кои судијата не сака да ги види, ниту допушта да ги презентирам. Не знам како судијата ќе ги цени доказите кога не ги прочитал“, вели Палевски.
Одбраната реагираше на пристрасност на судијата Стефановски.
„Без моја согласност се прочитаа во сосема погрешен контекст сите 54 вештачења и нормално судијата одби да добијам шанса да ги изведам истите вештачења затоа што се во моја корист. ОЈО не ги изложи тие докази како докази во моја корист туку сосема обратно ги изложи како докази против мене, и тоа е причината за изземање“, рече Палевски.
Претходно неговата одбрана побара од Судот уште еднаш да биде вештачена пронајдената чаура до телото на 74 годишниот Панче Жежовски од Велес, односно доказот да се покаже пред јавноста во судницата, а вештакот да каже дали таа чаура е од пиштолот на обвинетиот Боре Видевски.
„Предлагам како доказ прво да се достави на физички увид чаурата пронајдена на лице место каде што е пронајдено телото на Панче Жежовски. Во списите на предметот исто така има и вештачење на таа чаура од вешто лице каде е утврдено дека се работи за чаура од оружје 9мм и дека на истата се пронајдени траги и да се изврши споредба со базата на податоци која се води во МВР дали оваа чаура е изпукана од оружје за кое што се поседува дозвола за поседување оружје односно дали истата е испукана од пиштолот кој го поседувал Боре Видевски“, рече адвокатот на Палевски и побара вештото лице да дојде во судница или пак да се даде дополнително објаснување за таа чаура.
На претходното рочиште Палевски лично го испрашуваше полицаецот кој го потпишал записникот за претрес во домот на Боре Видевски, го праша зошто не му го побарале пиштолот кој го поседувал со дозвола, од марката „збоевка“, а при претресот ги пронашле коршумите, но не и оружјето на кои одговараат.
Во текот на следната недела судењето влегува во фаза кога обвинетите ќе зборуваат во судницата, секој ќе ја каже својата верзија за убиствата за кои се обвинети, а меѓусебно ќе имаат право да си поставуваат прашање. Во текот на целиот судски процес, обвинителството го докажува мотивот користољубие, односно дека Панче е убиен за долг од 500 евра, а Вања била киднапирана со цел да се изнудат пари од нејзината мајка. Девојчето било ликвидирано час време по нејзиното киднапирање. (П.А.)