Невремето што неодамна го зафати главниот град, кога летаа покриви од згради, а паѓаа и дрвја од силниот ветер, па настрадаа и повеќе автомобили, предизвика штети и на градските гробишта – Бутел. Граѓаните прашуваат кој ќе биде одговорен за надоместување на штетата настаната од паднатото дрво? Од Акционерското друштво за погребни и придружни активности „Бутел“, кое стопанисува со гробиштата велат дека тоа е регулирано со Законот за облигационите односи за штета од виша сила
Невремето што неодамна го зафати главниот град, кога летаа покриви од згради, а паѓаа и дрвја од силниот ветер, па настрадаа и повеќе автомобили, предизвика штети и на градските гробишта – Бутел.
Таму големи дрвја оштетија повеќе гробови. Граѓани кои ги посетиле гробовите на најблиските се соочиле со непријатна глетка.
За весникот ВЕЧЕР, еден од нив раскажа дека големо дрво ги поклопило гробовите во близина каде што почиваат неговите најблиски.
Од фотографијата што ја достави, може да се види дека се работи за огромно дрво. Тој прашува дали може некако да се уреди, односно да се ограничи можноста секој да може да сади дрво покрај гробот каде што почива негов близок, бидејќи се садат дрвја кои растат високо, а се со плитки корења, па како што вели, при посилен ветер постои опасност тие да се откорнат и да паднат, како во случајов.
– А кој ќе биде одговорен за надоместување на штетата настаната од паднатото дрво? – реагира тој.
По однос на прашањето за надомест на штета, од Акционерското друштво за погребни и придружни активности „Бутел“, кое стопанисува со гробиштата, велат дека тоа е регулирано со Законот за облигационите односи за штета од виша сила.
– Се работи за високи дрвја, кои биле здрави при настанување на невремето и не се работи за дрвја кои се непосредно насадени пред невремето, туку повеќегодишни дури и децениски претходно насадени и израснати дрвја. Голем дел од нив се насадени пред долг период најмногу по барање на странките и соодветно на просторот со цел да има зелена вегетација на големиот простор – одлучни се од АД Бутел.
И други граѓани на социјалните мрежи се пожалија дека по невремето, иако некои дрвја биле тргнати, гробовите биле покриени со гранки, а исто така и пристапните патеки. На социјалните мрежи можеа да се видат и фотографии од гробови обраснати со висока трева.
Од АД „Бутел“ известуваат дека нивните служби, веднаш по завршувањето на невремето, излегле на терен и без никаков прекин се отстранувале паднатите дрвја и гранки.
– Се работи за голем број паднати дрвја, делови од стебла и гранки. Дрвјата се отстранети од патеките за да бидат проодни, се собираат гранките, како и деловите од стеблата, но се работи за обемен процес бидејќи се работи на голема површина од 80 хектари и, за секој случај, поединечно се документира и се известуваат странките, за што е потребно време. Доколку сè уште има случаи на паднати и несобрани гранки, странките пријавуваат до Бутел АД Скопје и веднаш по секоја пријава се постапува на самото место – одговорија од „Бутел“.
(А. П.)












