Австралија донесе одлука која веќе предизвикува големо внимание во спортската јавност. Реката Фицрој во централниот дел на Квинсленд е официјално избрана за домаќин на веслањето, паравеслањето, кајакот и кануто на Олимписките игри во Бризбејн во 2032 година.

Одлуката доаѓа по долг процес на проверки и процени, а австралиските власти потврдија дека локацијата ги поминала потребните тестови. Меѓународниот олимписки комитет ја завршил техничката проценка, додека поддршка дала и Светската веслачка федерација.

Сепак, изборот на Фицрој веднаш предизвика загриженост, особено поради природните услови на оваа река. Фицрој е позната по големата популација на крокодили, но и по присуството на отровни змии и силните водни струи.

Особено внимание привлекуваат и бројните вители и фактот што реката во минатото знаела да предизвика сериозни поплави. За време на една од поплавите, снимки од дрон покажале крокодили како влечат домашни животни и добиток во водите.

Токму безбедноста и условите за натпреварување биле причина за загриженост кај дел од веслачката заедница. Федерациите на Велика Британија, Нов Зеланд и Германија наводно изразиле сомнежи околу правичноста и безбедноста на натпреварите.

Дополнително, 542 активни и поранешни веслачи потпишале отворено писмо со кое побарале натпреварите да бидат преместени на друга локација.

Сепак, нивното барање не беше прифатено. Австралиските власти тврдат дека Фицрој има доволно простор за изградба на патека според меѓународните стандарди, со делница од 2,7 километри и доволно место за олимписката трка од 2.000 метри.

Од Владата на Квинсленд порачаа дека патеката е одобрена по независна техничка процена од меѓународни експерти за поморско инженерство.

Светската веслачка федерација, исто така, застана зад одлуката, со оценка дека реката може да обезбеди еднакви услови за сите натпреварувачи.

Така, засега одлуката е конечна – веслачите во 2032 година ќе се натпреваруваат на Фицрој. А дали крокодилите, змиите, струите и вителите навистина ќе останат само дел од приказните за оваа олимписка локација, ќе покаже времето.

ИЗДВОЕНИ