„Кодификаторите не само што ги поставиле темелите на македонскиот литературен јазик туку со своето книжевно, публицистичко и научно творештво продолжиле да го збогатуваат и да го развиваат. Нивното дело е потврда на континуитетот на македонскиот јазик“, вели проф. д-р Димитар Пандев во интервјуто за весникот ВЕЧЕР
На 2 јуни 1945 година, деветмина членови на Комисијата за јазик и правопис ја потпишале Резолуцијата со која се поставени темелите на официјалната стандардизација на македонскиот литературен јазик. Во книгата „Кодификаторите на македонскиот јазик“ што ја објави „Матица македонска“, авторот Димитар Пандев, македонски филолог, лингвист, книжевен критичар, писател и универзитетски професор, раскажува кои биле потписниците, какво искуство внеле во работата на Комисијата за јазик и правопис и како потоа го обликувале јазикот на повоените читанки, весници и радиоемисии. Токму по тој повод, со проф. д-р Пандев разговаравме не само за придонесот на кодификаторите туку и за континуитетот на македонскиот јазик, неговата современа употреба и одговорноста на генерациите да го чуваат и негуваат.
Што беше најважно да се расветли за овие девет личности и нивната улога во оформувањето на македонскиот литературен јазик?
Целта на Резолуцијата потпишана од деветмина членови на Комисијата за јазик и правопис била „да се оформи правописот законски, и по таков начин да се постигне единство во нашето пишување“. Толку! што би рекол еден од потписниците, имено, Владо Малески. За таа цел потписниците, потпишани по следниот редослед – Венко Марковски, Киро Хаџи Василев, Блаже Конески, Крум Тошев, Васил Иљоски, Мирко Павловски, Илија Топаловски, Владо Малески, Густав Влахов (недостасува потписот на Иван Мазов, бездруго, поради други задолженија) во текот на мај 1945 година ја сообразиле македонската азбука со македонскиот изговор и ги изработиле основните правила на македонскиот правопис во согласност со македонската фонетика. Од оваа нивна дејност произлегла и малата книшка „Македонски правопис“. Она што е најважно за нив е дека речиси сите тие (со исклучок на Венко Марковски) останаа доследни на своите потписи и со своето понатамошно дело дадоа значаен влог во стандардизацијата и стилското збогатување на македонскиот јазик, секој во областа што му била примарна во неговото творештво, од публицистиката преку уметничката литературата до науката. И таа мисла ме водеше при расветлувањето на нивната улога во подемот на македонскиот јазик во сите сфери на јавната употреба.

Колку било тешко македонскиот литературен јазик, во повоениот период, да заживее во секојдневната употреба преку образованието, печатот и радиото? Со какви предизвици се соочувале тогашните јазичари во процесот на неговото стандардизирање и афирмирање?
Овде би го цитирал Блаже Конески, со еден негов исказ на кој сум му посветил особено внимание: „Ние ништо ново не создаваме, ние продолжуваме“. Јазикот си продолжил по својот пат, од јазик на секојдневната реч и јазик на фолклорот до јазик на образованието и науката. Се продолжило по патот на Крсте Мисирков и на неговите претходници, на Кочо Рацин и неговите следбеници, па доаѓаме до денешни дни. Во оформувањето и стандардизацијата на јазикот на „Нова Македонија“ и на „Радио Скопје“ значаен влог дале публицисти кои подоцна се вклучиле и во оформувањето на високото образование во Република Македонија. Предизвиците, сепак, не биле мали, но се следеле во континуитет. Ќе го наведам како пример јазикот и стилот на Илија Топаловски, кој од уредник на весникот „Народен војник“ во текот на НОБ, за време на Граѓанската војна во Грција е дописник на весникот „Нова Македонија“. Знаел што е војна, знаел што е јазик и публицистика. Знаел да го опише, да го раскаже и да го претстави сето тоа. А Малески го преточил тоа во белетристика, Конески и во наука…
Повеќето од кодификаторите го продолжуваат своето заедничко дејствување на планот на јазикот и литературата на страниците на списанието „Нов ден“, исто како што постепено се развива и богата оригинална и преведувачка книжевна дејност, што придонесува за доуточнување на правописните правила, под напливот на богат јазичен материјал од различни сфери. Неспорен е податокот дека македонскиот јазик во образованието се стандардизирал и претходно, особено во текот на НОБ, а по Ослободувањето се зацврстила училишната мрежа и се подигнал квалитетот на настава и преку соодветни читанки по македонски јазик и учебници по други предмети.
Во 1946 година, дури и зборот „настан“ барал објаснување. На страниците на „Нов ден“ Конески образложил зошто му дава предност пред тогаш раширеното „собитие“. Како се носеле одлуките за избор на зборови во македонскиот јазик?
Блаже Конески, впрочем како и Кочо Рацин и Васил Иљоски, уште во предвоениот период интензивно работеле врз проучување на македонскиот јазик особено во фолклорот, како и во живата употреба. Така, откривани се многу заборавени или недоволно раширени зборови. Еден од нив е и зборот „настан“ познат од кукушката песна „Свети Ѓорѓија и ламјата“, па добар дел од оваа лексика одново се актуализирала во македонскиот јазик. Во тој поглед, интерес предизвикал и охридскиот збор „бран“. На овие два збора Конески им посветува повеќе свои статии, меѓу другото, и од аспект на теоријата за литературните јазици.
Што откриваат документите, текстовите и сведоштвата на тогашните филолози и книжевници за времето и условите во кои се оформувал македонскиот литературен јазик?
Го откриваат брзиот развој на македонскиот јазик, особено преку уметничката литература, што го поттикнал и го предвидел уште Крсте Мисирков. За мошне кратко време се подготвени основните книги преку кои се легитимира македонскиот јазик: правописот со правописен речник, граматиките на македонскиот јазик (дескриптивна, функционална, историска), речникот на македонскиот јазик. Текстовите за оформувањето на македонскиот јазик произлегуваат од јазикот на весниците во НОБ и на документите на АСНОМ, во кои е претставена сета атмосфера во која се оформувал македонскиот јазик. Блаже Конески, Крум Тошев и Васил Иљоски во повеќе јубилејни обраќања го „оживувале“ тоа време, а Владо Малески книжевно го обработил во повеќе свои книжевни дела. На добар дел од тие текстови сум им посветил соодветно внимание во оваа, но и во претходните мои книги во кои исто сум се зафатил со прашања поврзани за развојот на македонскиот јазик.
Дали Вашата книга е и обид да се зачува споменот за луѓето кои учествувале во кодификацијата на македонскиот литературен јазик? Што треба да знаат идните генерации за значењето на нивното дело?
Не обид, туку опит! Во мојата книга тргнувам од една клучна мисла во трактатот „О писменех“ на црноризец Храбар: „Уште се живи оние што ги виделе“ светите браќа Кирил и Методиј, па би продолжил во современа смисла, живи сме ние што го продолжуваме подемот на македонскиот литературен јазик по патеките на нашите професори и писатели што се вградиле во неговото оформување со своето книжевно, публицистичко и научно творештво. Мислата на црноризец Храбар ја следиме уште од псалтирот (псалм 77.6), преку Пространото житие на свети Климент Охридски, ја наоѓаме во теоријата за јазична хетерохронија што се поврзува и со името на Ноам Чомски, а сето тоа Владо Малески убаво го срочил во кажувањето („Приредба“): „Од татковците наши сме научиле песни што тие ги научиле од татковците нивни…“. Со други зборови, ако една приказна, песна или кажувачка се пренесува низ три генерации, таа опстојува, како што опстоила и претставата за Охридската книжевна школа, од пред еден милениум. И оваа мисла сум ја обработил низ повеќе мои книги. „Ние ништо ново не создаваме, ние продолжуваме“ по патот на охридскиот збор „бран“ засведочен во најстарите македонски ракописи и присутен денес во македонската дијалектна и медиумска стварност и по сите значења што зборот „настан“ ги има во македонскиот 21 век, но кој да му ги изброи. А во тоа е убавината на јазикот, во „мерата“, во броењето. Во богатството на форми и значења што произлегуваат од духот на јазикот. А ние, генерациите, се преплетуваме една со друга и така го продолжуваме делото на кодификаторите. Идните генерации треба да знаат да го продолжат тоа по принципот на јазичната хетерохронија.
Со кои проблеми се соочува македонскиот јазик денес и дали доволно водиме грижа за негова правилна примена? Што треба да направиме сите ние за да го зачуваме и негуваме нашиот македонски литературен јазик?
Има книги што носат наслов „Проблеми на општата лингвистика“, а тие општи проблеми македонскиот јазик ги надминал и во теоријата и во практиката. Добар дел од нив не се однесуваат толку на структурата на јазикот колку на меѓусебната јазична комуникација. Грижата за правилна употреба на јазикот произлегува од грижата за меѓусебната комуникација. Јазикот се чува преку употребата на сите рамништа, од најниското до највисокото, од домот до универзитетот, од интерперсоналната до масовната комуникација. А го негуваме, како што вели Блаже Конески: „на повисоко рамниште, на побогато созвучје“. А старите мајстори на зборот, рекле: „јазикот е тајна“, а тајната се чува и се негува.
И по повеќе од осум децении од кодификацијата, македонскиот јазик и натаму се соочува со оспорувања на својата самостојност и посебност. Како лингвист, како гледате на нив со оглед на историските факти и научните сознанија за македонскиот јазик? Дали сметате дека делото на кодификаторите од 1945 година е доволен одговор на ваквите оспорувања?
Ќе цитирам произволно еден исказ на Блаже Конески вклопен во предговорот на публикацијата „За македонскиот јазик“ (Институт за македонски јазик, посебни изданија, книга 11, Скопје 1978): „Оригиналноста не е нивна особина“. Македонскиот јазик од позиции на бугарската политика се напаѓа со неколку изветвени поставки кои немаат никаква лингвистичка поддршка, особено од позиции на теоријата на литературните јазици. Во светската, па и во македонската лингвистика, особено од времето на општата (структурно-функционална) лингвистика, а подоцна и од позициите на социолингвистиката е детализирана теоријата на литературните јазици, меѓу другото, и со онаа теорија што ја разработува Блаже Конески уште од 1958 г. за стилските синтези во развојот на македонскиот литературен јазик. Како што пишувам во едно поглавје од книгата „Кодификаторите…“: во книгата „За македонскиот јазик“ (ИМЈ 1978) уште во првиот дел од „Прилози“ под наслов „Искажувања“, „се приведуваат цитати од различни автори, во кои станува збор за македонскиот јазик и литература“. А тоа се искажувања на едни од најзначајните слависти, лингвисти и публицисти (од Александар Восток преку С. Б. Бернштејн до Анри Барбис). Тие цитати послужиле како основа за подлабоки студиозни проучувања во историјата на македонистиката. Од овие „искажувања“ во прилог на посебноста на македонскиот јазик во словенскиот свет е доволно да се спомене само името на еден од најдобрите бугарски структуралисти, Иван Леков. Од друга страна, несомнен е податокот дека добар дел од македонските кодификатори се високо вреднувани во светската славистика (како Блаже Конески, Иван Мазов), па и во книжевноста (особено рецепцијата на делото на Владо Малески во полската книжевна средина) итн. Одговараме со дела, особено од областа на лингвистиката.
Даниела ТРАЈКОВСКА












