Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Центар полека добива ново руво. Во тек се работи за целосна обнова на фасадата и замена на старото осветлување со нови ЛЕД светилки, со што училиштето ќе троши помалку струја, а учениците и наставниците ќе имаат подобри услови за работа. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, направи увид во градежните работи и порача дека ова е една од најважните инвестиции во образованието.
– На 190 години од постоењето на училиштето, вложуваме во негова целосна енергетска обнова. Со новата фасада и ЛЕД осветлувањето ќе се намалат сметките за струја, ќе се подобрат условите за учениците и наставниците, а ќе придонесеме и за поздрава животна средина. Наш фокус во овој период е обновата на сите училишта во Центар, затоа што секој денар вложен во образованието е вложување во иднината – изјави Герасимовски.

Со реконструкцијата ќе се постави нова топлинска изолација на речиси 2.000 квадратни метри, како и дополнителна изолација околу прозорците и вратите за подобро да се задржува топлината во објектот. Фасадата ќе добие и нов изглед со декоративен малтер и свежи бои. Ќе се средуваат и челичните решетки, кои ќе бидат демонтирани, исчистени, офарбани и повторно поставени, а на покривот ќе се изведат нови лимарски работи за подобра заштита на објектот. Паралелно со градежните активности, старите светилки ќе бидат заменети со околу 300 нови ЛЕД светилки, што ќе значи помала потрошувачка на електрична енергија и пониски трошоци за училиштето.

Според планот, најголемиот дел од фасадата треба да биде готов до септември, за учениците и наставниците новата учебна година да ја почнат во значително подобри и помодерни услови.












