четврток, јуни 4, 2026
Дома СКОПСКА Отворена уметничка сцена во срцето на Скопје – спектакл на улицата „Македонија“ 

Отворена уметничка сцена во срцето на Скопје – спектакл на улицата „Македонија“ 

48

По повод Светски ден на уметноста и 50 години од постоењето на Општина Центар, утре, на улицата „Македонија“, точно напладне ќе се одржи фестивалот „Центарски улици 4“, со кој срцето на Скопје ќе се претвори во отворена уметничка сцена.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информираше дека посетителите ќе имаат можност да проследат богата програма со музички настапи, изложби, улични перформанси и различни уметнички егзибиции, кои ќе го оживеат централното градско подрачје. 

Во рамките на настанот, граѓаните ќе уживаат и во жонглирањето на уличните артисти, ќе можат да се фотографираат со живите статуи и да танцуваат во ритамот на добрата музика.

Фестивалот ќе започне со диџеј-сет на Папак Бас и со ликовна колонија, а во текот на денот ќе има улични перформанси и шоу- настапи на Фаз Бабл, Кристијан Бенито и на Ѓурчиновски.

Во вечерниот дел од програмата, од 18:00 часот ќе настапи кантавторката Дина Јашари, по што ќе има диџеј-сет на Бугимен и концерт на Тони Зен и бенд, со што ќе кулминира забавата на отворено.
Фестивалот е наменет за сите категории граѓани и носи целодневна енергија, забава и инспирација.

Општина Центар ги поканува сите граѓани да ја посетат улицата „Македонија“ и да им се приклучат на позитивната енергија и на урбаниот ритам на уметничко Скопје.

– Повелете, добредојдени сте на забавата од утринските до вечерните часови, ќе има за секого по нешто и од сè по малку – повика Герасимовски.

ИЗДВОЕНИ