Во Македонскиот народен театар вечерва свечено беше отворено 22. издание на „Танц фест“, кое ќе трае до 5 мај и ќе се одржува во Скопје и во Битола.
Фото. П. Стојановски



На отворањето настапи ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов, како и млади таленти, кои приредија вечер за паметење. Публиката имаше можност да проследи фрагменти од „Кралство на сенките“ и „Богородичната црква во Париз“, со што фестивалот започна во свечена и уметнички силна атмосфера.

Во рамки на отворањето беа прогласени и победниците на Националниот натпревар „Роксан Стојанов“, кој се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Роксан Стојанов, уметница со македонско потекло, својата кариера ја започнала во Скопје, а најголемите успеси ги остварила на европската и светската сцена. Во декември 2024 година таа беше прогласена за ѕвезда на Париската опера – највисоко признание на оваа престижна институција.
Натпреварот за наградата „Роксан Стојанов“ е организиран од „Интерарт“ и Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Северна Македонија во Париз.












