Денеска, во Кочани беше отворен Дневен центар за лицата со попреченост. Отворањето беше во присуство на: министерот за социјална политика, Ѓоко Велковски; градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов и генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија, Саит Саити.
Велковски информираше дека Центарот ќе обезбедува поддршка, активности за личен развој, социјализација и унапредување на самостојноста, приспособени на потребите и можностите на секој корисник.
– Има капацитет за 12-мина корисници месечно и е наменет за лицата над 26-годишна возраст, со тешка телесна, интелектуална или со комбинирана попреченост – истакна Велковски.
Според министерот, ваквите проекти се многу повеќе од отворање нова услуга.
– Тие значат создавање можности, поддршка за семејствата и градење општество во кое секој човек има еднаква можност да биде активен и вклучен во заедницата. Како Министерство за социјална политика, демографија и млади, продолжуваме да работиме на развојот и на проширувањето на социјалните услуги, кои ќе бидат достапни и блиску до граѓаните, во нивните локални заедници – заклучи Велковски.












