Српската полиција уапси пет лица, а против уште едно е поднесена кривична пријава во продолжение на акцијата „Армагедон“, поради сомневање за сексуална експлоатација и злоупотреба на деца преку интернет.
Акцијата е спроведена по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, преку Посебното одделение за борба против високотехнолошки криминал. Во неа учествувале повеќе полициски единици од Белград, Прокупље, Суботица и Сремска Митровица, како и граничната полиција.
Според српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, постојат сомневања дека осомничените подолг период преку интернет-апликации преземале, чувале и споделувале фотографии и видеоматеријали поврзани со сексуална експлоатација на деца.
Полицијата се сомнева и дека дел од осомничените користеле лажни профили на социјалните мрежи за да стапуваат во контакт со малолетници, да им испраќаат недозволени содржини и да прибавуваат експлицитни материјали.
При претресите на домовите и проверката на компјутери, мобилни телефони и друга електронска опрема, полицијата пронашла поголема количина материјали поврзани со злоупотреба на малолетници, како и пораки со сексуална содржина.
Во еден од случаите, полицијата се сомнева дека осомничен користел лажни профили за да стапи во контакт со дете и од него да побара и прибави експлицитни фотографии.
На петтемина уапсени им е определен притвор до 48 часа, по што треба да бидат спроведени пред надлежното обвинителство.
Дачиќ порача дека истрагата продолжува со цел да се утврдат сите околности и целосниот обем на сомнителните активности.
Тој апелираше до граѓаните да не споделуваат материјали поврзани со сексуална експлоатација на деца, нагласувајќи дека зад секоја таква фотографија или снимка стои дете кое било жртва на злоупотреба.
Од Министерството за внатрешни работи ги повикаа родителите и старателите да разговараат со децата за опасностите на интернет и да ги охрабрат веднаш да пријават вознемирувачки пораки или барања за интимни фотографии.
Полицијата апелира сомнителните случаи веднаш да се пријават, а спорните материјали да не се препраќаат до други лица.












