сабота, ноември 14, 2026
Дома СВЕТ Откриени 19,5 милиони долари во истрага против поранешен министер од владата на...

Откриени 19,5 милиони долари во истрага против поранешен министер од владата на Орбан – пари пронајдени закопани и во шуми

0

Унгарската антикорупциска агенција соопшти дека запленила 19,5 милиони долари во готовина за време на истрага против поранешен министер кој служел во владата на националистичкиот лидер Виктор Орбан.

Парите биле закопани во шуми и скриени на други локации, пренесува „Гардијан“.

Миклош Сештак, кој беше унгарски министер за национален развој од 2014 до 2018 година, е обвинет за примање поткуп како дел од шема во која биле вклучени државна транспортна компанија и набавка на половни автобуси по надуени цени.
Сештак, уште двајца министри од ерата на Орбан, како и братот на еден поранешен премиер, се приведени во врска со различни случаи.

Во април, Петер Маѓар оствари убедлива изборна победа – ставајќи крај на шеснаесетгодишното владеење на Орбан – откако вети дека ќе истражи наводна корупција и злоупотреба на службената положба што се случиле за време на мандатот на неговиот ривал.

Националната канцеларија за повраток и заштита на имот – антикорупциско тело со широки овластувања, формирано како дел од иницијативата на Петер Маѓар – соопшти дека во четвртокот и петокот извршила претреси на неколку локации во рамките на кривична постапка против Сештак.

„За време на претресите, истражителите пронајдоа големи суми готовина: закопани во шуми, скриени во земјоделски и складишни објекти, како и во станбени простории, а дел бил чуван и во скапи сефови на изолирани локации“, се наведува во соопштението.

Маѓар ја окарактеризира оваа заплена како можна пресвртна точка.

„Ова официјално го означува крајот на мафијата на Фидес-КДНП!“, изјави Маѓар, мислејќи на коалицијата на Орбан која до неодамна беше на власт.

Поранешниот лидер сè уште нема реагирано на овој најнов развој на настаните. Орбан претходно ги опишуваше истрагите насочени кон неговиот најтесен круг соработници како „политички прогон“, чија цел е тој да заврши во затвор, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ