Џенсен Хуанг се врати на чело на „Енвидиа“ (Nvidia) само 11 дена откако поднесе оставка поради скандал поврзан со вонбрачни афери – вклучително и една со жена за која постои сомневање дека е кинески шпион.
Неговото враќање беше поздравено од американскиот претседател Доналд Трамп и Илон Маск, додека некои американски политичари изразија загриженост во врска со потенцијалните ризици по националната безбедност.
Акциите на „Nvidia“ скокнаа за повеќе од 30%, а пазарната вредност на компанијата се зголеми за приближно еден трилион долари – што е веројатно најголемиот еднодневен пораст во историјата. И покрај враќањето на Хуанг, „Nvidia“ продолжува со внатрешната истрага, а тој треба да сведочи пред Конгресот на САД на 1 декември.
Иако Џенсен Хуанг се врати на чело на „Nvidia“ само 11 дена по оставката, тој не е првиот извршен директор на голема технолошка компанија што се враќа по отстранувањето од функцијата или заминувањето. Слични враќања имале и лидери во „OpenAI“, „Apple“, „Disney“ и „Twitter“.
Сем Алтман – „OpenAI“ (четири дена)
Коосновачот на „OpenAI“ – компанијата што стои зад „ChatGPT“ – беше отстранет од функцијата во ноември 2023 година, откако управниот одбор објави дека тој не бил „конзистентно искрен“ во комуникацијата со нив.
Алтман потоа доби понуда за работа од „Microsoft“, додека вработените во „OpenAI“ се заканија со масовни оставки доколку тој не биде вратен. Управниот одбор набрзо се согласи на неговото враќање.
Стив Џобс – „Apple“ (10 години)
Стив Џобс беше еден од основачите на „Apple“ во 1976 година, но ја напушти компанијата во 1985 година по спор околу управувањето со тогашниот извршен директор, Џон Скали.
Околу една деценија подоцна, „Apple“ се соочуваше со сè посилна конкуренција од „Microsoft“. Џобс се врати во 1996 година, кога „Apple“ ја презеде неговата компанија „NeXT“, а следната година тој повторно го презеде раководењето со „Apple“.
Боб Ајгер – „Disney“ (11 месеци)
Боб Ајгер се повлече од „Disney“ во декември 2021 година, но се врати на позицијата извршен директор помалку од една година подоцна.
Во тоа време, „Disney“ се соочуваше со остар пад на вредноста на акциите и загуби од својата платформа за стриминг, „Disney+“. Ајгер се согласи повторно да ја води компанијата во текот на две години, сè додека не се најде негов наследник.
Џек Дорси – Twitter (три години до неговото прво враќање)
Џек Дорси беше отстранет од позицијата извршен директор на Twitter во 2008 година – многу пред Илон Маск да ја преземе платформата за социјални медиуми и да ја преименува во X.
Тој се врати во компанијата во 2011 година како извршен претседател на Управниот одбор, а во 2015 година повторно ја презеде улогата на извршен директор, пренесува Индекс.хр.












