вторник, ноември 24, 2026
Дома СВЕТ Москва ја заострува реториката кон Естонија: „На работ сте да предизвикате отворена...

Москва ја заострува реториката кон Естонија: „На работ сте да предизвикате отворена војна“

0

Руското Министерство за надворешни работи во понеделникот ја обвини Естонија – земја-членка на НАТО и на Европската унија – за низа непријателски дејствија кои се „на работ да предизвикаат отворена војна“. Со ова, Москва ја заостри својата реторика по најавата на Естонија дека ќе ја затвори копнената граница со Русија.

Естонија планира да ги затвори граничните премини кон Русија во период од најмалку шест месеци, почнувајќи од 1 декември, откако ги обвини руските безбедносни служби за обид за подметнување пожар во една естонска одбранбена компанија. Русија негира каква било вмешаност во нападот.

Руското министерство ги упати овие обвинувања во соопштение издадено откако го повика естонскиот вршител на должност амбасадор во Москва, за да му врачи официјален протест во врска со одлуката на Талин да ја затвори границата.

„На естонскиот дипломат уште еднаш му беше укажано дека ваквите провокативни и крајно опасни дејствија се на работ да предизвикаат отворена војна со Русија“, наведоа од руското министерство.

Меѓу разните обвинувања, се тврди дека Естонија „тајно“ ѝ дозволила на Украина да го користи нејзиниот воздушен простор за изведување напади врз руски цели.

Понатаму, Русија ја обвини Естонија за обиди да го попречи движењето на руските товарни бродови во Балтичкото Море, за забрана на транзитот на руски и белоруски житарки, за обиди да го забрани рускиот јазик, како и за закани за затворање на Руската православна црква.

„Руската страна го задржува правото да преземе сеопфатни политички и дипломатски мерки насочени кон заштита на националните интереси на Русија и легитимните права на нејзините граѓани“, соопштија од министерството.

Во своето соопштение, Министерството за надворешни работи на Естонија не одговори на секое поединечно обвинување, но го отфрли тврдењето дека дозволува користење на својата територија за украински воени операции.

„Иако генерално не ги коментираме ниту одговараме на руските пропагандни наративи, во овој случај можеме повторно да нагласиме дека Естонија никогаш не дозволила – ниту пак некогаш ќе дозволи – нејзината територија да се користи за воени операции на друга држава“, се вели во соопштението. И други земји во нашиот регион јасно го изнесоа овој став“, додадоа од министерството.

Русија долго време ги обвинува Естонија и другите земји-членки на НАТО во балтичкиот регион дека им дозволуваат на украинските беспилотни летала да го користат нивниот воздушен простор. Украинските беспилотни летала често навлегуваат во воздушниот простор на НАТО – појава што Киев ја припишува на руското попречување на сигналите.

Земјите-членки на НАТО постојано ги отфрлаат тврдењата дека дозволуваат користење на својот воздушен простор од страна на беспилотни летала; тие, напротив, ја обвинуваат Русија за овие упади, потсетувајќи дека токму Русија започна војна против Украина во 2022 година. Говорејќи во Берлин, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се осврна на ситуацијата во Естонија, како и на минатонеделниот упад на руски ракети во воздушниот простор на Полска, истакнувајќи дека западната воена алијанса ги следи настаните и располага со опции за одговор.

„Ја следиме ситуацијата во Полска, Естонија и на други места“, рече Руте. „Кога станува збор за воената сфера, ние секогаш ќе ги проценуваме нашите капацитети за одвраќање и одбрана и, доколку е потребно, ќе ги ажурираме“, вети тој.

ИЗДВОЕНИ