Јужноафриканскиот пливач Чед ле Клос доживеа еден од најтешките денови во својот живот. Само по неколку часа откако испиша историја на Игрите на Комонвелтот, дозна дека во голем пожар целосно му изгорел домот во Кејптаун.
Ле Клос во Глазгов го освои својот 21. медал на Игрите на Комонвелтот, бронза во штафетата 4х100 метри мешано, со што стана најодликуваниот спортист во историјата на ова натпреварување.
Но, радоста поради историскиот успех траеше многу кратко. Додека настапуваше за репрезентацијата на Јужна Африка, избувнал пожар во станбената зграда во која живее, во населбата Си Поинт во Кејптаун. Огнената стихија целосно го уништила неговиот стан, во кој живеел повеќе од десет години, а во несреќата животот го загубил и еден негов сосед.
- Ми требаше време да се помирам со оваа срцекршачка трагедија. Додека го поставував рекордот на Игрите на Комонвелтот, мојот дом беше уништен во пожар. Нема што да се спаси – напиша Ле Клос на „Инстаграм“.
Пливачот изрази сочувство до семејството на починатиот сосед и откри дека неговата фондација почнала хуманитарна акција за помош на сите жители погодени од пожарот.
Во Глазгов, Ле Клос освои три медали, а сега во својата колекција има седум златни, пет сребрени и девет бронзени медали од Игрите на Комонвелтот. Еден од најголемите моменти во неговата кариера останува настапот на Олимписките игри во Лондон во 2012 година, кога сензационално го победи легендарниот Мајкл Фелпс и го освои олимпиското злато на 200 метри пеперутка.
Покрај тоа, во кариерата освои и четири олимписки медали и четири светски титули, а сега ќе мора да се справи со една од најголемите трагедии во животот.











